Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет


Апелациониот судија од Битола Александар Камбовски денеска е избран за нов претседател на Судскиот совет, по оставката на Весна Дамева. Со тоа за првпат на чело на Советот ќе застане судија кој завршил на Академијата за судии. Досега го водеа судии и членови кои беа избрани во Собранието, односно од мнозинството на политичките партии.

Камбовски беше предложен од врховниот судија Исамедин Лимани, а потоа го поддржаа сите членови.
Од вкупно 13 присутни на седницата, 13 гласаа за единствениот кандидат за претседател на Судскиот совет.

Овој судија не се има потпрено само на Академијата, туку првин го изодел патот со големо искуство работејќи во приватна фирма, по судови и како адвокат, па потоа се запишал и дипломирал. Од 2003 до 2005 година работел во Основен суд Битола, од 2005 до 2007 како правник во приватна компанија, потоа од 2006 до 2010 бил ангажиран како надворешен соработник на Адвокатска канцеларија.Од 2007 до 2010 година работел како адвокат, се запишал и завршил Академија и во 2010 година бил избран за судија Основен Суд Битола.

Денешниот избор на претседател во Судскиот совет, следеше во ситуација кога Собранието минатиот декември не го усвои годишниот извештај за работата на ова тело, а тој беше дочекан со низа критики за политички нарачани одлуки. Неусвојувањето на извештајот за работата на Судскиот совет директно ја отвора можноста пратениците врз основа на членот 100 од Законот за судски совет да отворат расправа за работата на членовите на тоа тело кои се избрани од Собранието. Дека таква разврска не е исклучена, навести и премиерот Христијан Мицкоски, најавувајќи дека „размислуваат за неколку потези што ќе ги преземат после празниците”.