Александар Јорданов „исвиркан“ во македонскиот парламент

Бугарскиот европарламентарец Александар Јорданов се обиде да испровоцира инцидент тврдејќи дека Гоце Делчев е Бугарин, а браќата Миладиновци објавиле бугарски песни.


 

Попладнево се случи бугарско сценарио во македонскиот парламент. Европарламентарецот Александар Јорданов, кој е член на коалицијата ГЕРБ-СДС и на групата Европски народни партии, се обиде да испровоцира инцидент тврдејќи среде расправата на Мешовитиот комитет Македонија- ЕУ дека Гоце Делчев е Бугарин, дека браќата Миладиновци објавиле бугарски народни песни а ги нарекле македонски само затоа што биле од географскиот регион  Македонија, дека кај нас се дискриминираат граѓаните што се декларираат како Бугари и генерално нема атмосфера за уставни промени.

Јорданов, кој знае да се спушти многу повеќе нивоа во говорот на омраза кон Македонија кога зборува од Брисел, предизвика револт и дофрлање кај македонските пратеници кои го прогласија за неук да зборува за темата и побараа да не држи час по историја, бидејќи за тоа си има историска комисија. 

„Мојот впечаток е дека сум присутен во две Македонии – една за која слушнав од граѓанското општество, вклучувајќи ги и граѓанските организации на Бугарите и втората, од политичарите. Очигледно имате многу проблеми во сите можни сфери, вклучувајќи ги и добрососедските односи. Мојот впечаток е дека ова е околина каде што е тешко да се носат одлуки. Има конфронтирачка атмосфера, исто како и во Бугарија. Но, проблемите треба да се решаваат, а не да се ставаат под тепих“, рече Јорданов во учтивиот дел од обраќањето, пред да почне да провоцира и да навредува. 

„Во парламентот очигледно нема атмосфера за уставни промени. Ве прашувам, кога ќе се случат тие? Слушнав примери за дискриминација на Бугарите во Северна Македонија, за опожарување на културните клубови, за славење на сторителите, за носење на ретроактивниот закон  – сето тоа е неприфатливо во Европската унија. Дали е ова владеење на право? Ова не е само прашање на односите на Бугарија и Северна Македонија, ова е прашање на човекови права и вредности“, рече Јорданов, кој порано беше и амбасадор на Бугарија во Скопје. Тој потоа се префрли на држењето лекции од историја, која како што повтори неколкупати треба да се базира на реалноста, а не на тоа како сакаме ние да изгледа реалноста. 

„Мора да знаете историја. Таа е вечна дисциплина. Гоце Делчев неколкупати се декларирал како Бугарин. Браќата Миладиновски напишаа зборник на бугарски народни песни кои ги нарекоа македонски само затоа што се од регионот на географска Македонија. Не може тие да станат македонски песни“, рече Јорданов, по што наиде на довикувања од пратениците дека ова не е час по историја, дека има кој да расправа за тоа, дека постои историска комисија и дека историјата овде не е тема, на што тој возврати дека, напротив – историјата била европска вредност. Притоа не пропушти да порача дека приемот на Македонија во ЕУ зависи најмногу од добрите односи со Бугарија. 

Соња Мираковска од НСДП, која го водеше Мешовитиот комитет, му возврати со лекција за добро однесување, без да му даде повод да се жали на сите страни дека наишол на политичка нетолеранција во македонскиот парламент, по што доби аплауз од нашите и европските пратеници. 

„Непримерно е овде да зборувате за тоа, ниту пак имате научни докази како се чувствувале Македонците“, му возврати таа. Потоа го потсети дека Комитетот на министрите на Советот на Европа има резолуција  која утврдува дека нашата држава системски не го дискриминира бугарското малцинство. За законот за имињата на граѓанските здруженија му порача дека е усвоен со консензус од сите политички партии, дека тие не се забрануваат туку начинот на кој се именуваат и дека такви правила има и во Германија. За уставните измени рече дека е формирана работна група која работи на нив и дека станува збор за долг процес во кој самата процедура на измена на Уставот трае четири месеци. 

„Ова е вторпат да го отвораме Уставот за краток период. Немојте да мислите дека тоа е едноставно и лесно за граѓаните на Македонија. Пријателите си помагаат во вакви моменти, а многу изјави на бугарски политичари не ни помагаат да ги направиме измените. Видовте како ние ги меревме зборовите за да не си ги отежнуваме работите. Никој не бил во ваква позиција за да знае колку е тешко да се направи ова. Никој не може ни да нѐ обвинува за дискриминација на етнички малцинства кога ги слушнавте пратениците Албанци како зборуваат слободно на  албански јазик во парламентот. Јас само се надевам дека сите Македонци во сите земји ќе го добијат своето право за самопределување, што денес не е случај“, рече Мираковска и доби силен аплауз. 

Реагираше и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека вистината е ова – дека патот на Македонија до ЕУ оди по два колосека: едниот се преговорите за акито и вториот, преговорите со Бугарија. Тој нагласи дека нема втор пример во светот на ваков систематски начин да се удира по правото на самоопределување на еден народ, по правото да го именува мајчиниот јазик и слично и дека е крајно понижувачко Македонија да треба да ја менува историјата и да менува како се определува за да влезе во Европската унија. Ниту една земја, додаде тој, не била условена со ваков диктат да се прифати еднострано толкување на историјата поради што 85 отсто од етничките Македонци се против францускиот предлог кој ѝ овозможи таква позиција во преговорите на Бугарија. 

„Овие 85 проценти против се повеќе од сите излезени граѓани на било кои избори во Македонија досега“, рече Николоски, предупредувајќи дека ваквата политика на Бугарија има само контраефекти, бидејќи никој не сака да биде понижуван. 

На Мешовитиот комитет кој заседава во Скопје требаше да присуствува и Ангел Џамбаски, но тој иако беше најавен, не се појави во Собранието. Настапот пак на Јорданов покажа колку е осилена развластената коалиција на ГЕРБ-СДС, која доби мандат да формира влада со некои шанси да успее. Практично, денешниот скандал испровоциран од Јорданов покажа дека уште недојдени на власт, преставниците на оваа коалиција (Јорданов е од СДС – Сојуз на демократски сили) веќе провоцираат проблеми на Македонија, дури и повеќе од претходната техничка гарнитура.

Се виде исто така дека ВМРО-ДПМНЕ е безгласна буква во Европската народна партија(ЕПП) и дека Бугарија практично ја владее оваа политичка групација во ЕП, што стана јасно  и од реакцијата на германската европарламентарка Марион Валсман од ЦДУ за забраната за влез за Андреј Ковачев, иако порано жестоко ги застапуваше позициите на нашата главна опозициска партија. Практично ова што се случи денес е најава што може да очекуваме ако Бојко Борисов и неговите се вратат на власт во Софија, со Екатерина Захариева или без неа. Олеснителна околност е само тоа што ЕПП не е веќе во Брисел тоа што беше и што бројот на премиери од оваа групација значајно е намален. 

Во тој стил, Валсман порача денес дека добрососедските односи се „мошне важен предуслов за пристапување во ЕУ“, но дека Македонија не е единствената на која се однесува тоа, туку и на Бугарија и на Грција. Откако нѐ пофали за позитивните примери на соработка, особено во енергетиката, таа забележа дека имало и чекори назад, како што го оцени враќањето на Андреј Ковачев од границата. 

„Северна Македонија покажа волја и има постигнато напредок околу овие прашања. Не мислам само на направените промени на Уставот, туку и на изјавата за немање територијални претензии кон соседите. Ние ги почитуваме и уважуваме овие напори. Живееме во време кога немаме друг избор освен да соработуваме за глобалните прашања. Добрососедство не се создава од нула. Треба да се гради чекор по чекор и да се покаже солидарност. Треба подготвеност да се носат непопуларни одлуки и тоа не е лесно, но сега само 53 отсто од граѓаните кај вас се за влез во ЕУ, а не толку одамна беа над 70 отсто. Ако не напредувате, трпението на граѓаните може да се истенчи и целиот процес да биде загрозен. Секој ден треба да работиме на подобрување на добрососедските односи за да ја постигнеме целта и треба некогаш да носиме емотивни одлуки, порача таа“, практично разидувајќи се со ВМРО-ДПМНЕ како политички сојузник и околу уставните измени. 

Тојс Ројте, холандски европарламентарец од групата на социјалдемократите, беше поексплицитен во пораките. 

„Постои ризик од замрзнување на процесот на евроинтеграција, што не можеме да си го дозволиме. Сите од тоа ќе изгубиме, а добитник ќе биде господинот Путин и тие што сакаат да го дестабилизираат регионот. Треба да се запрашаме – како ќе ни судат идните генерации за ова што го правиме денес, и македонските и европските ? Дали ги оставивте настрана изборните резултати и лични конфликти за да станете земја членка на ЕУ и за да спречите геополитичка катастрофа на нашиот континент?“, предупреди холандскиот европарламентарец. Тој наедно порача дека промените што се бараат од нас треба да се направат на најбрз начин за да станеме  со Албанија членки на ЕУ. 

„И за вас и за нас оваа задача е поголема од идните избори“, рече тој. 

Мешовитиот комитет ќе продолжи со работа и утре, по што ќе се усвојат заеднички заклучоци. Ова инаку беше 21 состанок на овој комитет што зборува колку долго ни трае патот и до преговорите за членство.