Алек Болдвин: Фатално пукање се случува еднаш во билион (видео)


Американскиот актер Алек Болдвин изјави дека шокантната смрт на снимателката Хејлин Хачинс, која ненамерно ја уби со пиштол – реквизит на снимањето на филмот, е несреќа што се случува „еднаш во билион“, објави во саботата порталот ТМЗ.
Болдвин и неговата сопруга Хиларија разговараа со новинарите кои ги следеа во автомобил во Манчестер, Вермонт, а ова е негов прв коментар пред камера откако Хачинс почина по смртоносната повреда на снимањето на вестерн „Рѓа“ (“Rust”) на 21 октомври.

Тој претходно на Твитер објави колку жали за трагедијата и дека целосно соработува со полицијата во истрагата.

„Таа ми беше како семејство“, рече тој пред камерата.

„Несреќи се случуваат од време на време на снимањето, но ниту една ваква. Тоа е еднаш во билион“.
По трагедијата, повиците за подобра контрола на оружјето на филмските сетови станаа се погласни, а Болдвин вели дека е „многу заинтересиран за тоа“.

Не можеше да каже дали некогаш повторно ќе работи со огнено оружје на снимање.

Тој рече дека нема да продолжи снимањето на „Рѓа“ кој беше прекинат веднаш по несреќата.

Болдвин, кој беше продуцент и главен актер на филмот, додека вежбал за сцената, го притиснал чкрапалото на пиштолот не знаејќи дека во него има вистински куршум.

Куршумот поминал низ телото на снимателката и застанал во рамото на режисерот Џоел Соуза. Таа починала, а тој по кратко лекување бил пуштен од болница.

На Болдвин помошник-директор му врачил пиштол и му рекол дека му е „ладно“, што значи дека нема куршум во цевката.

Одговорната за оружјето на сетот, 24-годишната Хана Гутиерез, во петокот објави дека „нема поим“ од каде дошол вистинскиот куршум на сетот и рече дека ги почитувала сите безбедносни протоколи.

Болдвин им рече на новинарите во саботата дека не може да коментира за тековната истрага.

„Бевме многу, многу добра филмска екипа и потоа се случи ваква трагедија“, рече тој.

За  средбата со сопругот и синот на Хачинс, тој рече дека бил обземен од тага.