„Алцхајмер матине“ – по повод Светскиот ден на Алцхајмеровата болест


По повод Светскиот ден на Алцхајмеровата болест, 21 Септември, здружението на граѓани Институт за Алцхајмерова болест и невронаука денеска организира „Алцхајмер матине – „Она што останува-љубов, емоција, емпатија”.

На овој начин, велат организторите, се прави обид за влијание кон подигнување на јавната свест за болеста, која ја нарекуваат епидемија на 21 век.

-Настанот е замислен како топла и емотивна средба посветена на она што останува и тогаш кога сеќавањата почнуваат да бледнеат -љубовта, човечката поврзаност и потребата да бидеме разбрани и прифатени. Преку музика, лични приказни, едукација и пораки на надеж и поддршка ќе потсетиме дека зад секоја дијагноза стои човек со своја животна приказна, достоинство и потреба за љубов и припадност. „Алцхајмер матине“ е топол и поддржувачки собир кој ги поврзува лицата со деменција, нивните семејства, здравствените работници и пошироката заедница. Во овој простор на разбирање и споделување, ќе се разменуваат лични искуства, корисни совети и професионално знаење, со цел темата на Алцхајмеровата болест да се доближи до пошироката јавност и да се поттикнат емпатијата, навременото препознавање и заедничката грижа, се вели во соопштението од организаторите на настанот. 

Во него се додава дека во Македонија живеат повеќе од 24.000 лица со деменција, од кои најмалку 10.000 со Алцхајмерова болест. Исто толку семејства секојдневно се справуваат со предизвиците што ги носи болеста.