Албин Курти вели дека почнуваат со реформи, дијалогот со Србија е на шестото или седмото место


Кандидатот за иден премиер вели дека дијалогот со Србија е второстепен, но од Брисел веднаш изјавија дека тој треба да биде на врвот од агендата

 

Лидерот на движењето Самоопределување и кандидат за премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека победата на неговата партија на предвремените парламентарни избори е можност за започнување на реформите што ги сака народот.

„Патот пред нас е долг, ќе имаме пречки, ќе направиме некои грешки на тој пат, но пред нас е благородна цел. Ние нема да се одмаздуваме на никого, но ќе бараме правда. Секој од нас мора да преземе одговорност да ја направи својата земја подобра. Составивме коалиција со претседателката на Косово Вјоса Османи и овој резултат потврдува дека немаме интерес да разговараме со оние кои сега треба да се реформираат додека се во опозиција“, рече тој, пренесува Танјуг, повикувајќи се на „Коха диторе“.

Курти рече дека оваа победа ќе остане запаметена по денот кога „народот зборуваше со еден глас и ја зеде својата судбина во свои раце“.

Курти рече дека дијалогот што Косово и Србија го водат преку Европската унија нема да биде приоритет за владата што тој евентуално ќе ја предводи.

„Дијалогот со Србија е на шестото или седмото место. „Наш приоритет се правдата и вработувањето“, рече тој, пренесува Танјуг, повикувајќи се на „Косово онлајн“.

Но челниците на Европската унија, Жозеп Борел и Оливер Вархеи, изјавија дека очекуваат продолжување на дијалогот со Белград. Тие по изборите во Косово очекуваат формирање на новите власти и „конструктивен ангажман на Приштина за продолжување на дијалогот со Белград, со посредство на ЕУ, со цел да се искористи можноста за постигне сеопфатен договор“ за нормализација.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Борел и европскиот комесар за проширување Вархеи истакнаа дека ЕУ ќе продолжи да работи со новоизбраните власти во Приштина, за да му помогнат на „Косово да направи опиплив напредок на европскиот пат“.

Ова ќе бара од Косово да направи напредок во реформите и регионалната соработка, рекоа Борел и Вархеи, нагласувајќи дека „европскиот пат на Косово минува и низ сеопфатната нормализација на односите со Србија“ и затоа се очекува идните власти во Приштина конструктивно да се вклучат во продолжување на дијалогот и постигнување договор.

„Вчерашните избори на Косово ја покажаа зрелоста на институциите, сите релевантни фактори и политичките партии. Граѓаните се погрижија нивниот глас да се слушне и се радувам на продолжување на соработката со идната влада, како и продолжување на дијалогот“, напиша на Твитер специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Кандидатката на Самоопределување за претседател на Косово, Вјоса Османи рече дека победата на нејзината заедничка листа со Самоопределување треба да биде лекција за нејзината поранешна партија, Демократскиот сојуз на Косово и другите партии на Косово.

„Гласањето донесе долгоочекувана промена. Вистинската работа започнува денес, а утре сонцето ќе се појави над Косово. Вашиот глас ја донесе очекуваната промена. Ви благодарам од се срце, милион пати. Ние сме свесни за големиот товар, вашата вера ќе биде нашиот водич на ова патување. Заедно, продолжуваме да работиме на развој на демократијата“, рече таа.

„Денес им стана јасно на сите оние кои го ставаат личниот интерес пред националниот, кои ги ставаат своите интереси пред интересите на народот, дека граѓаните на Косово знаат кога е тоа доволно и знаат кога е време за ново поглавје“, рече Османи.

Таа рече дека новите институции ќе ја вратат довербата на граѓаните во политиката, дека ќе направат отклон од лошото во минатото и дека ќе бидат во служба на граѓаните.

„Нашата мисија останува да ја зајакнеме својата државност на патот кон евроатлантските интеграции, со вечно пријателство со Соединетите Држави“, додаде таа.

Централната изборна комисија на Косово објави дека, врз основа на повеќе од 99 од избројаните гласови Самоопределување освои 47,88 проценти од гласовите, односно дека освоило 55 места во Собранието на Косово, каде има 120 пратеници. Потоа следи Демократската партија на Косово со 17,36, Демократскиот сојуз на Косово со 13.08, Алијансата за иднината на Косово со 7,4 и Срспската листа со 5,56 отсто. Социјалдемократската иницијатива не влезе во паралемнтот затоа што не го помина изборниот праг од пет проценти, освојувајќи 2,56 отсто од гласовите.

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, денеска поднесе оставка поради лошите резултати на неговата партија на изборите.

„Лично сметам дека резултатот е многу лош, воопшто не го очекувавме, како заради средбите што ги имавме на терен, така и заради работата на Авдулах Хоти“, рече Мустафа, пренесува „Газета експрес“. (Според агенциите)