Албанските возови најбавни во Европа, македонските втори на листата

Хрватска има најбавни возови во Европската Унија, со просек од само 58,2 км на час, а единствените европски земји со побавна железница што не се во Европската Унија се Босна и Херцеговина (54,5 км на час), Србија ( 54,3 км на час), Македонија (53,1 км на час) и Албанија (27,6 км на час).

Според инфографикот изработен од „Смардарт“, многу возови во ЕУ возат со брзина и до 250 км на час.

Најбрзите возови се во Шпанија, со просечна брзина од 199,4 км на час, а потоа следува Франција со возови што возат со брзина од 195,9 км на час, а потоа е Италија со 169,9 км на час.

Германските возови се движат со 141,6 км на час, а во Велика Британија 134,4 км на час.

Во Хрватска просечната брзина на возовите е само 58,2 км на час, што е двојно побавно од во Австрија, каде што просечната брзина е 106,8 км на час.

Во Полска просечната брзина на возовите е 114 км на час, Грција 94 км на час, Унгарија 84 км на час, Бугарија 73 км на час, а во Словенија 72 км на час.

Она што е интересно е дека француските брзи ТГВ електрични возови се најбрзи во Европа и можат да достигнат брзина од вртоглави 575 км на час, додека германскиот воз „Трансрапид маглев“ достигнува 500 км на час.