Албанските граѓани во Србија патуваат само со лични карти


Фото: Б. Грданоски

Албанското Mинистерство за Европа и надворешни работи денеска соопшти дека стапил во сила договорот меѓу албанската и српската влада за слободно движење на граѓаните.

Според официјалното соопштение, на албанските граѓани сега им е потребна само лична карта за влез во Србија, а истото важи и за српските граѓани во Албанија.

– Сега, за сите албански државјани кои патуваат во Србија, освен пасош, дипломатски пасош, службен пасош, дозвола за транзит, валиден документ е и биометриска лична карта. Истите документи се валидни за влез и на српските граѓани во Албанија, стои во соопштението на министерството.

Србија станува петтата земја, по Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, каде што албанските граѓани можат слободно да се движат покажувајќи само лични карти на граничните премини, исто како и граѓаните на овие земји за влез во Албанија.