Албанскиот Парламент ја почна седницата за импичмент на претседателот Мета
Албанскиот Парламент денеска ја почна пленарната седница на која на дневен ред е барањето за импичмент на претседателот на Албанија, Илир Мета.
Образложувајќи го барањето, координаторот на пратеничката група на владејачките социјалисти Таулант Бала, истакна дека одлуката на претседателот Мета за одложување на локалните избори претставува „акт без преседан“, додавајќи дека ова е прва седница во 28-годишниот период на демократија во Албанија, на која се расправа за разрешување на шефот на државата.
– Овој чин без преседан со одлуката на претседателот за одложување на датумот на избори го оценуваме како апсолутно неважечки, чин кој е во спротивност со неговите уставни надлежност и уставните начела и е со цел да се спречи остварувањето на уставното право на Албанците. Од тие причини ја побаравме оваа дебата, што е првпат во 28-те години албанска демократија и на крајот ќе ве повикам сите заедно да ја усвоиме Резолуцијата за разрешување на претседателот. Надлежноста на претседателот е одредување на датумот за избори, а не и негово поништување, изјави Бала, додавајќи дека оваа иницијатива е во согласност со Уставот.
Тој посочи дека изборниот процес го спроведува Централната изборна комисија и додаде дека изборите ќе се одржат на 30 јуни.
Во рамки на петчасовната дебата се очекува да зборува и албанскиот премиер Еди Рама.
Во меѓувреме, Мета најави обраќање за 17 часот, што ќе биде негово трето обраќање оваа недела.