Албанската влада ја продолжи енергетската кризна состојба до јуни следната година


 

Албанската влада на денешната седница донесе одлука со која енергетската кризна состојба се продолжува до 30 јуни 2023 година.

Првпат кризна енергетска состојба владата прогласи на 8 октомври минатата година, која требаше да трае до март годинава но со започнувањето на војната во Украина истата ја продолжи до 31 декември годинава.

Деновиве регулаторниот завод за енергетика донесе одлука со која е одложена примената на одлуката, со која домаќинствата кои ќе трошат над 800 киловат часови да плаќаат поскапа струја, и примената на истата да почне од први идниот месец, како пакет за справување со енергетската криза.

Во услови кога едно семејство месечно ќе потроши повеќе од 800 кв/ч, еден киловат ќе по плаќа по цена од 42,85 лека наместо 11 лека колку што е моментно. Поскапа струја се очекува да плаќаат 4-8 отсто од домаќинствата, кои ќе дадат 15,5 милиони евра повеќе на енергетските компании за купување енергија, наведува Топ чанел.

Албанската електрокорпорација, КЕШ, за да ги задоволи потребите на земјата за месец октомври, обезбеди енергија во вредност од околу 34 милиони евра. Од почетокот на годинава до сега потрошени се 329 милиони евра, а до крајот на годинава планира да потроши 500 милиони евра.