Албанската Влада им ги простува сите казни на граѓаните за непочитување на мерките


Албанската Влада донесе одлука со која до 15 идниот месец ќе им бидат вратени парите наплатени на име казни, одземените лиценци за работа, возачки дозволи и возила,кои биле изречени во период на пандемија, поради непочитување на пропишаните мерки.

Нормативниот акт предвидува простување на сите административни мерки од казнена природа, изречени од релевантните државни органи за кршење на правилата или подзаконските акти издадени во рамките на мерките преземени за спречување и борба против Ковид-19, од 17 април до 7 октомври годинава.

Исто така, им се простуваат сите административни мерки издадени од структурите на единиците на локалната самоуправа на семејствата погодени од природни катастрофи, односно земјотресите од 21 септември и 26 ноември 2019 година, за откриени прекршоци при реконструкција на индивидуални куќи.

Одлуката е донесена по предлог на министрите за внатрешни работи Сандер Лешај, за финансии и економија Анила Денај и за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу.