Албанската полиција нов кластер на Ковид-19


Албанската полиција станува ново жариште на Ковид-19, во чии редови само во последните 24 часа се заразени 16 полициски службеници, јави Ора њуз телевизија.

Меѓу новодијагностицирани е директорот на државната полиција Арди Велиу, кој веста за позитивниот резултат на тестот ја објави лично. Во негово отсуство со државната полиција ќе раководи неговиот заменик, Алберт Дервишај.

Дека е позитивен денеска потврди и Арди Бита, портпарол на министерот за внатрешни работи.

Претходно позитивен беше портпаролот на државната полиција Гентиан Мулаи, кој денеска објави дека ја добил битката со опасниот вирус, наведува телевизијата.

Според телевизијата моментно 317 полициски службеници се заразени со Ковид-19 од нив петмина се хоспитализирани.

Од почетокот на пандемијата опасниот вирус е дијагностициран кај 699 полициски службеници, при што 10 од нив починале.

Албанските медиуми, во очекување на официјалните податоци за состојбата во последните 24 часа, јавуваат за поголем број починати, меѓу нив и 16-месечно бебе, кое во последните два дена било интубирано.