Албанската платформа на ДУИ недостојна за коментар


Новата понуда на ДУИ, што медиумите ја нарекоа „Албанска платформа“, според  другите албански партии е недостојна за коментар. Најкуриозитетно во неа е што ДУИ предлага право да води преговори за нова влада да има само партијата што освоила најмногу гласови кај Албанците, т.е. само таа, а другите да се воздржат и таа да ги преставува албанските интереси и во нивно име. Уште повеќе што вечерва Алијансата за Албанците и Алтернатива ќе протестираат за гласовите што според нив им ги украла ДУИ и за фалсификување на изборите.

Од партијата на Зијадин Села одговорија дека ДУИ  нема кредибилитет за условувања, а позитивни сигнали нема ниту од Алтернатива. Таму сметаат дека е несериозно да се коментираат изјавите кои доаѓаат од ДУИ. БЕСА на Биљал Касами била воздржана додека не добие официјална понуда.

Ваквата понудена платформа, аналитичарите ја оценија како националистичка бидејќи со неа ДУИ се обраќа само на Албанците, иако претходно уверуваа дека за борат за концептот “едно општество за сите” во кој би требало граѓаните од сите етикуми да се рамноправни во земјава. Според други се работи за политички маневар на ДУИ за правење отстапка од барањето Албанец за премиер и наметнување како партија лидер кај Албанците.

Не е првпат пред и по избори ДУИ да излегува со вакви концепти ставајќи се во улога на патрон на албанските партии. Во зависност од тоа дали води или губи, такви се и концептите што ги нуди. Па, така едно време круто инсистираше на концептот победник со победник, додека не се најде во ситуација тоа да не и е интерес. Сега, откако го напушти овој принцип, пак се повикува на него за да влезе во евентуалната нова влада на СДСМ, од која пак и порачаа дека треба да оди во опозиција.

Албанските партии добиваа слични понуди за соработка на албанска основа и на претходните избори, а Алијансата за Албанците виде на своја кожа како изгледа договарањето со ДУИ, бидејќи беше исфрлена од претходната влада поради  инсистирање толкму на оваа албанска партија која не трпи конкуренција. По идејата за Албанец премиер ова е втор политички бисер, па и понесериозен од првиот, бидејќи бара од нив да се согласат да бидат потрчковци на ДУИ – т.е. да се откажат од власта.

Платформата на ДУИ предвидува онаа партија која ќе добие глас повеќе да ги претставува Албанците во разговори со сите другите заедници и да може во име на сите пратеници Албанци да зборува за стратешките линии, како и да биде главен коректор на дневно-политичките прашања. ДУИ бара и пратениците на партиите кои не победил, да не водат разговори на страна за да ги ослабат преговарачките позиции на победничката партија, а предвидува и можност за соработки меѓу албанските политички партии.(Н.В.)