Албанската опозиција успеа да добие еден мандат повеќе, а ВМРО-ДПМНЕ – не успеа

Со прегласувањето коалицијата „Вреди“ ја засили својата позиција во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за составување на идната влада


Од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“

 

Резултатите од прегласувањето на седум избирачки места во Петтата и Шестата изборна единица ја засилија позицијата на албанската опозиција од коалицијата „Вреди“ во преговорите за идната влада со ВМРО-ДПМНЕ. Во Шестката се прегласуваше само на едно место во општина Желино, но таму „Вреди успеа да направи пресврт и и го доби и осмиот пратеник, колку што има и ДУИ.

Во Петтата изборна единица, иако ВМРО-ДПМНЕ успеа да го зголеми бројот на гласовите, тоа не беше доволно затоа што таму и ДУИ го зголеми бројот на гласовите (СДСМ доби помалку) и „Европскиот фронт“ останува со четири пратеници.

Во ИЕ 5 коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ на 8 мај имаше 26.904 гласа, а со денешното прегласување има 26.668 или 236 гласа помалку. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 371 глас повеќе од 8 мај (74.287 наспроти 73.916), коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ имаше 27.013, а сега 27.278 или 265 повеќе. Тоа значи дека останува претходната распределба на мандатите: 10 за ВМРО-ДПМНЕ, четири за „Европски фронт“ на ДУИ, СДСМ три и по еден имаат Левица, „Вреди“ и ЗНАМ.

Во Изборната единица 5 на гласањето на 8 мај СДСМ за 109 гласа го загуби четвртиот мандат, кој замина во „Европскиот фронт“ на ДУИ. Со тој пресврт во последниот момент на броењето пратеник стана Исамил Јахоски од Пласница (сопственикот на „Пуцко петрол“).

На избирачкото место 2101 во општина Желино „Вреди“ имаше голем триумф – освои 494 наспроти 48 на коалицијата на ДУИ. Со тоа распоредот на мандатите во Шестата изборна единица изгледа вака: коалицијата на ДУИ осум мандати, „Вреди“ осум мандати, ВМРО-ДПМНЕ три и СДСМ еден.

Според овие резултати, ВМРО-ДПМНЕ ќе има 58 мандати, СДСМ 18, коалицијата на ДУИ 18, „Вреди“ 14 и по шест мандати Левица и ЗНАМ.