Албанската опозиција револтирана – Не прифаќаат договори за СЈО без присуство на лидерските средби


Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села  изрази  револт околу форматот на средбата Заев-Мицкоски, од  која беа исклучени албанските политички партии. Според Села, за Алијансата за Албанците нема да биде прифатлив никаков договор што ќе биде донесен помеѓу политичките партии од само еден блок. Тој смета дека концептот четири поголеми политички партии (две од македонските политички партии и две од албанските) треба да продолжи, но не верува дека Заев и Мицкоски ќе постигнат некаков договор околу прашањето за новото јавно обвинителство.

„Со самиот факт што веќе истекува мандатот на СЈО, нема да се покренат нови процедури. Не гледам како ќе се постигне договор за законот за новото јавно обвинителство. На ваков начин ефектот за трите политички партии што ги спомнав, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, ќе биде тоа што нивните функционери нема да одговараат“, изјави Зијадин Села.

Она што го загрижува Села е игнорирањето на Алијансата за Албанците од страна на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во Собранието. Според него неприфатливо е за нивните амандмани дури да не се ни дебатира.

„Го осудуваме таквиот однос на премиерот на државата кој се однесува ноншалантно спрема опозицијата. Ваквото однесување во иднина нема да го дозволиме.Неприфатливо е и однесувањето на трите политички партии кон амандманите што Алијансата за Албанците ги има поднесено за законот за јавно обвинителство. Ние имаме поднесено повеќе амандмани од сите политички партии заедно, околу 30, и не е дозволиво ниту со Деловникот на Собранието некој да избира неколку амандмани од  ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ и од СДСМ а на другите амандмани дури да им се одземе правото да се дебатираат пред јавноста за да види кој е нашиот предлог“, се пожали Села.

Предлог на Алијансата за Албанците е да се судат сите функционери инволвирани во корупција или криминал од 90-тите години до денес, а на чело на СЈО да дојде обвинител од странство.

,,Нашиот предлог е дека СЈО треба да се зачува. Во врска со тоа имаме околу 27 амандмани за новиот предлог-закон за ЈО. Ова не е игра, не можеме ние секоја година да формираме нови обвинителства. Имаме едно СЈО, можат да се покренат промени на законот за СЈО и  тогаш да се земат во предвид  и предлозите што ги има  македонската опозиција во врска со тоа да нема рок,а  секој политичар, функционер и во минатото, од 90-тите години наваму, кој згрешил пред законот да одговара. Другиот наш предлог  е во иднина со СЈО да раководи обвинител од странство, од земјите на Европската Унија или САД“, истакна Села.

За процесот на ветинг, Села рече дека тие се за негово воведување без разлика на исходот и додаде дека треба „да се исчисти“ системот од корумпирани функционери. Смета дека наесен треба да добиеме датум за преговори со ЕУ.

Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами бара да се формира  државна комисија составена од професионалци која ќе биде надгледувана од експерти од САД и Европската унија.

„Ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту политичките претставници на ДУИ не можат да одлучат за независен и професионален судски систем, бидејќи трите партии сакаат да избегаат од правдата. Затоа, ние бараме државна комисија на професионалци  контролирана од експерти од Соединетите држави на Америка и Европската унија“ – рече Касами.

Арменд Мурсели