Албанската опозиција повторно предизвика тензии пред албанскиот Парламент
Албанските опозициски демократски пратеници и денеска предизвикаа тензична ситуација, овој пат пред собраниската зграда, откако на исклучените пратеници, поради понеделничкото насилство, не им беше дозволено да влезат во објектот.
Дваесет и четирите исклучени пратеници од опозицијата, пристигнаа пред Собранието час пред почетокот на пленарната седница, се обидоа да влезат, но беа спречени од припадниците на националната гарда, и откако им се придружија и другите сопартијци се судрија со гардистите, кои сепак не дозволија влез.
И покрај вербалните напади кон нив, пратениците од владејачкото мнозинство влегоа во собраниската сала и ја одржуваа седницата. Во салата присутни беа 71 пратеник, а столиците, сега обновени, за опозицијата останаа празни.
По тензиите и судирите со гардата и мнозинството, опозицијата постави кукли со ликовите на премиерот Еди Рама, неговиот брат Олси Рама, поранешниот министер за внатрешни работи, Фатмир Џафај и неговиот брат Герон Џафај.
Пратеникот Фламур Нока, генерален секретар на Демократската партија поранешен министер за внатрешни работи, куклите ги полеа со бензин и ги запали, исто како што се случи со пратеничките столчиња во понеделникот. Изјави дека ова го прават како „гест на граѓанска непослушност“.
-Го направивме овој гест на граѓанска непослушност, потоа ќе бидеме цело време во акција. Им благодарам на медиумите што ја покриваа оваа акција на опозицијата како еден од облиците на борба за демократија во оваа земја, рече Нока.
Инаку, вчера доцна попладне Секретаријатот за етика при албанскиот Парламент донесе одлука, со која, пратениците кои предизвикаа хаос во салата и запалија столици пред собраниската зграда, ги исклучи од работата од 10 дена до два месеца.
Почнувајќи од денеска два месеца се казнети Фламур Нока, Газмент Барди и Бледион Налбати. За пратеникот Еди Палока оваа казнена мерка е 10 дена, додека други 20 се исклучени 40 дена.