Албанија забранува партиски, верски и домашни собирања, денеска нов рекорд од 694 заразени


Техничкиот комитет на експерти за заразни болести на Албанија денеска донесе одлука за дополнителни ограничувања поради ширењето на коронаврусот.

-Од денес се забранува собирање на повеќе од 10 лица на отворен и затворен простор, забрана за партиски состаноци и собири, конференции, церемонии по повод празници,како и домашни веселби и погребни церемонии кои ќе може да се одржуваат само во кругот на семејството. Ова ќе важи до следна одлука, стои во соопштението.

Поради влошената епидемиолошка состојба Комитетот, чии одлуки се правосилни и нема потреба од дополнително одобрување од страна на Владата или ресорното министерство, на 11 овој месец воведе полицски час од 22 до 6, а од 15 октомври задолжително носење заштитна маска и на отворен простор.

За непочитување на полицискиот час следува парична казна од 80 евра додека за неносење маска 25, а доколку биде повторен прекршокот 40 евра.

Во меѓувреме Минстерството за здравство и социјална заштита информираше дека последните 24 часа тестирани се 2.560 сомнителни случаи, а опасниот вирус е дијагностициран кај 694 лица, што е највиска дневна бројка до сега.

Во исто време во списокот на оздравени се запишани 351 додека починале шест лица во болнички услови, од 28 до 78-годишна возраст. Расте и бројот на хоспитализирани. Во трите ковид болници се третираат 412 пациенти, од нив 13 се на интензивна терапија од кои тројца се интубирани.