Албанија со најголем број затвореници на 100 илјади жители во регионот


Во Албанија затворите се преполни, во споредба со поголемиот дел од Европа, објавија медиумите.

Според последните податоци на Евростат, Албанија е на четвртото место во Европа по бројот на затвореници на 100.000 жители во 2023 година, со стапка од 182. Оваа бројка е значително повисока од просекот на Европската унија, кој изнесуваше 111 затвореници на 100.000 жители. 

Во 2023 година во Албанија имало 5017 затвореници. 

-Евростат ја направи пресметката користејќи стари податоци за бројот на населението, односно 2,75 милиони жители. Доколку се земат предвид  податоците од пописот од 2023 година, кога официјалните податоци потврдуваат за 2,42 милиони жители, бројот на затвореници е 207 на 100 илјади жители, анализира „Монитор”.

Ако се земат предвид овие податоци, Албанија е на второто место во Европа по Турција (342 затвореници на 100.000 жители), оставајќи ја зад себе Полска (203) и Унгарија (187).

Албанија е рекордер во регионот, а потоа следат Србија (158), Црна Гора (166) и Северна Македонија (146). Во Косово има помалку затвореници во однос на населението, околу 100 затвореници на 100.000 жители.