Албанија преговара со НАТО за поморска база во Драч
Албанија– Албанија е во преговори со НАТО за изградба на поморска база во Порто Романо, пристаниште во изградба на нејзиниот брег на Јадранското Море, изјави вчера премиерот Еди Рама.
Тој на конференција за новинарите кажа дека Порто Романо, кој се наоѓа во близина на Драч е замислен како најголемо пристаниште во земјата, ќе има комерцијален дел, како и воена поморска база, пренесува Ројтерс.
Албанија ќе го финансира комерцијалниот дел, а го повика НАТО да учествува во финансирањето на воениот дел, додаде Рама.
„Наскоро ќе се вратиме во Брисел за да ги продолжиме разговорите во врска со нашиот предлог… за поставување поморска база на НАТО во новото пристаниште во Драч“, додаде тој.
Рама во мај кажа дека неговата влада на НАТО му ја нуди поморската база Паша Лиман околу 200 километри јужно од Тирана. Русија во 1950-тите ја постави Паша Лиман како база за сместување на 12 подморници во близина на Валона. НАТО веќе ја реконструира воздухопловната база Кучова, околу 80 километри јужно од Тирана, која ќе биде првата воздухопловна база на Алијансата на Западниот Балкан.
Албанија е членка на НАТО од 2009 година.