Албанија пред враќање на строгите мерки со цел спречување на ширењето на Ковид-19


Албанија размислува за враќање на построгите ограничувачки мерки со цел да се спречи ширењето на заразата со Ковид-19.

Ваква можност најави претседателката на Комитетот на експерти за справување со пандемијата и актуелен заменик-министер за здравство, Мира Ракацоли.

Гостувајќи во телевизиска емисија, таа рече дека земјата е многу блиску до црвената линија и дека експертите ќе бидат принудени да предложат построги мерки.

-Вчера забележавме рекорден број на заразени, како и број на хоспитализирани. Ова беше очекувана ситуација. Ова се случува низ целиот свет. Тоа е нормален тек на епидемијата. Бројките растат, за среќа, не со толкава брзина како во Италија, Франција и Шпанија. Поради овој нагорен тренд мора да бидеме претпазливи и да преземаме соодветни активности. Со оглед на нашата ситуација, ние предлагаме други мерки што можат да бидат ограничувачки. Многу сме блиску до црвената линија. Ќе ги анализираме сите можни мерки и ќе одлучиме, изјави Ракацоли.

Порача дека единствениот начин да се запре вирусот е превенцијата, додавајќи дека поради тоа и наставата во универзитетите предложиле да се одвива онлајн, како и мерката за задолжително носење заштитна маска на отворен простор.

-Мерките немаат никаква врска со она што го сториле другите земји, треба да размислуваме глобално и да дејствуваме локално. Воведувањето карантин зависи од нас самите. Треба да бидеме сите заедно, само така можеме да го победиме овој вирус, вели таа.

Ова се оценува како одговор на изјавата на директорот на Националниот ургентен центар, Скендер Братај, кој оцени дека состојбата со Ковид-19 во Тирана е надвор од контрола и оти поради зголемениот број на заразени и хоспитализирани, Тирана, како и во главните градови на некои соседни земји потребно е воведување делумен карантин.

Што се однесува до болничките капацитети Ракацоли тврди дека тие не се целосно пополнети.

-Тие не се целосно пополнети. Во трите ковид болници во Трана имаме 550 легла. Ние сакаме да го направиме најдоброто можно менаџирање со капацитетот а исто така планираме да отвориме и четврта ковид болница, но и регионални болници. Кога болничкиот капацитет во третата ковид болница ќе се пополни, се надеваме дека не, ќе се отвори и четвртата, рече Ракацоли.

Опозицијата и денеска обвини за недоволна грижа за здравјето на граѓаните, пополнетите болници со ковид пациенти, состојба вон контрола и нереално прикажување на бројките на заразени и починати.