Албанија: Пожртвуваноста на екипите на „Рајдер“ за време на корона кризата


Подобрување на квалитетот на животот за време на Ковид-19 за 150 пациенти со напредна фаза на карцином и стари лица со хронични болести во Тирана и Драч

 

Изолација, пасивност, очај, депресија, анксиозност, изолација од семејствата и роднините.

Тоа се ужасните зборови што ја објаснуваат ситуацијата. Зборовите што може да се слушнат од луѓето со рак во напредна фаза и постари лица со хронични болести. Опасноста од Ковид-19, меѓу другото, носи високо ниво вознемиреност и несигурност. Ова се зборови што  ја зголемуваат болката и го влошуваат општото здравје на пациентите.

Од друга страна, „великодушност“ е зборот што може да ги опише добрите луѓе од „Рајдер Албанија“. Лекарите, медицинските сестри и волонтерите љубезно и несебично ја шират својата хуманост во време кога здравствениот систем е насочен кон ситуацијата со КОВИД-19. Пациентите, поради карантинот, не може да ги посетуваат болниците и нивните лекари. Тие се принудени да останат во своите домови поголемиот дел од времето, а општото правило за социјално дистанцирање ги минимизира посетите на нивните семејства.

Имајќи ја предвид оваа ситуација, два мобилни тима на „Рајдер Албанија“ во Тирана и Драч, прво подготвија план за конкретни мерки, оценија и избраа кои се итни и дадоа приоритет на посета на луѓето во тешка социо-економска состојба.

„Во овие тешки денови никој освен екипата на ’Рајдер‘ не ме посети дома. Лекарите од тимот на ’Рајдер‘ редовно доаѓаат и секогаш ми обезбедуваат неверојатна поддршка. Сигурна сум дека без нив немаше начин како да се справам со оваа изолација. Кога ме посетуваат, ми се  чини сонцето го огрева моето лице. Ми носат лекови, храна, насмеано лице – токму она што ми треба кога се чувствувам сама. Засекогаш ќе им бидам благодарна. Додека сум опкружена со обучен персонал и волонтери, се чувствувам посамоуверено, поудобно, помирно и побезбедно и оптимистички расположено за иднината. Рајдер Албанија е моето семејство, вели Лулезиме.

Тимовите на „Рајдер“ обезбедуваат здравствени услуги во домовите на пациентите. Лекарите ја проценуваат состојбата на пациентот, даваат лекови за болка и прават проценка на други симптоми, даваат инјекции, даваат инфузии, се грижат за раните, обезбедуваат долгорочни лекови, медицински услуги, друга опрема и хигиенски материјали. Исто така се даваат пакети со храна и други основни работи за нормален живот. За случаи кои не се итни, доколку е потребно, тимот е достапен за советување преку интернет, како за пациентите така и за нивните семејства.

Покрај домашната нега, тимот е вклучен во лобирање и застапување, обука и едукација, како и во релевантни активности во областа, со цел да се подобри пристапот до услугите и правата на пациентите. Услугите за домашна нега се состојат од медицинска помош, медицинска грижа и психосоцијална поддршка, обезбедени преку мултидисциплинарен тим со големо искуство во оваа област. Со текот на годините, соработката со различни локални и меѓународни донатори овозможи обезбедување услуги за домашна нега. РАА е поддржана од донатори, како што се „Сју Рајдер Неј“ од Велика Британија или „Хоспис оф Хоуп“ Албанија.

(Серија текстови Успешни приказни подготвена со помош на проектот ЕУ ТАКСО 3. Медиумски спонзор Независен“)