Албанија ги почнува преговорите со ЕУ на 15 октомври, Македонија не
Претставниците на земјите членки денеска едногласно одлучија Албанија да ја одделат од Македонија и таа сама да се движи на европскиот пат со отворање на кластерите
Она што и се очекуваше денеска беше и потврдено во Брисел: Албанија ги почнува практичните преговори со ЕУ на 15 октомври.
Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ на денешната средба едногласно решија Албанија да ги започне преговорите со Унијата за првиот кластер „Темелни вредности“, јави дописникот на Бугарското национално радио од Брисел.
Стартот на меѓувладината конференција меѓу ЕУ и Албанија за отворање на првиот кластер ќе се одржи во Луксембург.
Со тоа, како што наведуваат дипломатски извори во Брисел, практично се разделуваат Македонија и Албанија на патот кон ЕУ. Македонија и Албанија во ист ден ги одржаа првите меѓувладини конференции во јули 2022.
Неодамна тоа го најави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој рече дека „целта е во октомври да се одржат меѓувладини конференции со Србија, Албанија и можеби Северна Македонија“.
Пред некој ден и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, наведувајќи како сме го губеле чекорот во пристапувањето кон ЕУ поради блокадите на соседите, рече дека сега и „Албанија ќе нѐ претрка“. Потпретседателот на владата, Александар Николоски, пак, изјави дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ.
Албанија поднесе апликација за членство во ЕУ во 2009, а стана кандидат во 2014.
Со разделувањето на Македонија и Албанија нашата земја останува на празен простор меѓу оние во Западен Балкан кои ги почнале преговорите (Црна Гора, Србија и за три недели Албанија) и оние што се далеку од таа фаза (Босна и Херцеговина и Косово). Преговорите за пристапување на земјите од Западен Балкан траат многу долго – Црна Гора го отпочна отворањето на кластерите во 2012, а Србија во 2014 и се многу далеку од завршувањето на процесот.
За да може да напредува Македонија мора да го исполни единствениот услов од преговарачката рамка – промената на уставот и внесувањето на бугарското малцинство. Во македонскиот парламент засега нема мнозинство за таков чекор, а новата влада бара алтернативни решенија со таканаречениот „француски предлог плус“. (Н.В.)