Албанија денес отвори ново преговарачко поглавје, Македонија останува заглавена

Нема враќање назад, само пат за напред, порача Рама, додавајќи дека Албанија сака „да се венча со ЕУ“ по толку „разведувања“


 

Премиерот Еди Рама ја предводеше албанската делегација овој вторник во Брисел на третата  меѓувладина конференција со ЕУ на која беше отворена нова втора група преговарачки поглавја, при што албанскиот премиер најави дека амбицијата е идната година – да се отворат повеќе. Со тоа Албанија истрча пред Македонија во евроинтеграцијата и очекувањата се дека ќе се движи брзо во процесот. 

Рама во својот говор за медиумите рече дека ова е многу важен чекор за државата, кој се прави според планот. Тој рече дека следната година ќе се погрижи и да ги затвори  отворените поглавја за членство во ЕУ.

„Нашиот марш продолжува. Тука сме да направиме важен чекор и да отвориме ново групно поглавје, кое е важно за нашиот план. Тоа е затоа што се работи според планот. Мора да продолжиме понатаму.Нашата амбиција е да отвориме повеќе групи на поглавја. Се надеваме дека напролет следната година да затвориме отворени поглавја. Ова е важен ден за нашата земја и мотивирачки чекор“, изјави Рама во Брисел.

Според него, Албанија си ја завршила домашната задача и  преговорите треба да завршат во 2027 година.

„Денеска имаме појасна слика за сработеното и исто така го сфаќаме како вистинско охрабрување дека ни претстои многу работа. Посебна благодарност до тимот на Европската комисија, кој не учи да опстојуваме со голема насмевка против невротичниот пристап на ЕУ. Благодарноста е многу искрена и доаѓа од срце благодарение на тимската работа и заедничките напори , Да се поврзат сите точки не е лесно и самите знаат колку е тешко и во исто време тоа е дел од исполнувањето и од учењето како да станеме подобри. За  нас е јасно, Европа не ја обединува само географијата, туку и нашите вредности, владеењето на правото. Не се сомневам дека Европа со Западен Балкан ќе биде посилна и пообединета и посигурна. Затоа, нашата амбиција не е тајна, ја завршивме нашата домашна задача и сакаме нашите преговори да се затворат до  2027 година, така што се надеваме дека нашето членство во ЕУ ќе биде затворено во оваа деценија. Амбициозно е, но го споделивме ова заедно“, порача Рама.

Запрашан кое поглавје ќе биде најтешкото за отворање и затворање со ЕУ, Рама одговори дека нема поглавје што е лесно со ЕУ.Не изостанаа ниту неговите шеги, како таа дека Албанија „сака да се омажи за Европската унија“, притоа додавајќи дека „сакаме да ги заборавиме сите разводи од минатото“.

„Научив дека нема поглавје или параграф што е лесно со ЕУ. Сè мора да помине низ детален преглед. Преку заеднички дијалог и разбирање очекуваме, како што реков, да отвориме поглавја. Комесарот и помага на земјата да расте, созрева, да се трансформира.  Албанците ги поддржуваат ваквите политики, ние направивме јасен избор како народ. Сакаме да се венчаме со ЕУ, заборавете на сите разводи од минатото. Нема враќање назад, само пат напред. Мора да им го дадеме на Албанците тоа што го чекаат, тие го чекаат со векови“, рече Рама.

Меѓувладината конференција ја водеше унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто .

„ Две групи поглавја се отворени со Албанија и оваа брзина е без преседан. Значи повеќе се случи во последните два месеци отколку во 15 години“, порача Сијарто.

Албанија апоред негова оценка покажала одличен напредок за сите 6 поглавја.

„Денеска ја отвораме оваа група на поглавја за да може Албанија да оди напред, бидејќи  е земја членка на НАТО. Првиот патотворивме група поглавја со Албанија, за да му дадеме поттик на Западен Балкан. Наш заеднички интерес е оваа земја да оди напред. Унгарските компании се дел од албанскиот пазар“, рече Сијарто.

„Целата земја вложи огромни напори за овој чекор. Нека продолжи оваа посветеност, особено за владеење на правото и слободата на изразување.Подготвена сум да поддржам отворање на преостанатите кластери до крајот на следната година. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Албанија на нејзиниот амбициозен пат кон ЕУ“, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Според неа, ова е награда за посветеноста на Албанија  на политиките на ЕУ.

„Сакам да потсетам дека вчера затворивме и 12 групни поглавја со Црна Гора. Ја ценам и посветеноста на сите земји-членки на Европската Унија. Проширувањето е приоритет за Европската унија и ние сме посветени да добиеме дополнителни промени. Денес, со отворање на шестата група поглавја, јасно се препознава усогласеноста на Албанија со политиките на ЕУ. Отворајќи ги поглавјата, зборуваме за темите за надворешни односи и овие теми ја надополнуваат Албанија како заеднички фактор. Имам верба во решеноста на Албанија да работи напорно за сите реформи во овој процес, гледајќи ја вклученоста на сите и на граѓанското општество. Ќе продолжиме заедно да градиме просперитетна иднина. Честитки за Албанија!“, рече таа.

Процесот на европска интеграција на Албанија продолжува денеска со трета меѓувладина конференција Албанија – ЕУ за отворање на VI група поглавја од преговорите. Тие вклучуваат „Надворешни односи“, со преговарачки поглавја 30 и 31 и соодветно „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“.

Меѓувладината конференција претходи на Самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој ќе се одржи следниот ден, како и низа средби што Рама и министрите од кабинетот ќе ги одржат со високи претставници на ЕУ.

Извори од Брисел вчера порачаа дека и Македонија може да оди напред ако премиерот Христијан Мицкоски дојде со отворен ум во Брисел и да покаже дека навистина сака продолжување на преговорите со Македонија. Фактот дека од бугарска страна нема политички соговорник според овој извор не менува ништо бидејќи околу проблемот со Македонија сите во Бугарија имаат ист став. Практично на маргините на самитот се најавуваат разговори со премиерот Мицкоски, при што многу не се очекува од иницијативата на Словенија и на Германија за елиминирање на ветата во процесот на преговори за членство, бидејќи за да стане реалност треба подолг период, а треба да ја прифати и Софија. Македонија денес практично ќе гледа ко Црна Гора и Албанија одат напред, за истото се притиска и околу Србија, а ние стоиме заглавени во сопствените фрустрации и нереалните очекувања за гаранции . (С.Ј.)

|