Албанците од Македонија и Косово не се дијаспора: Еди Рама приговара на нивното учество на протестите
Илјадници Албанци од дијаспората, а и нивни сонародници од Македонија и Косово се дел од протестите во Тирана против изградбата на луксузното одморалиште на Џаред Кушнер. Албанскиот премиер Еди Рама вели дека тие се жртви на „политички каравани“. И дека тие не можат да се сметаат за дијаспора бидејќи живеат во свои сопствени држави.
На протестите во Тирана доаѓаат Албанци дури и од Америка, а се приклучуваат и дел од оние што живеат во Грција.
„Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа територија. Заедно со Македонците, тие се составен народ во својата земја. Дијаспората се емигранти кои живеат во странски земји, а не тие, ниту Албанците од Косово, кои имаат своја независна држава“, рече Рама на социјалните мрежи.
Рама ги критикуваше организаторите кои, според него, донеле Албанци од Приштина и Тетово на протестите, а учесниците ги нарече „жртви на политички каравани“. Тој наведе дека нивните спонзори трошат пари само за да го нарушат имиџот на косовските и македонските Албанци.
На албанскиот премиер му пречи употребата на национални знамиња и албански симболи во протестите на кои се бара негова оставка. И особено реагираше на на употребата на знамето на ОВК во протестите, нарекувајќи го ова „сквернавење“ на симболот на ослободителната војна.
„И никогаш нема да ми излезе од памет сквернавењето на ослободителното знаме на ОВК, кое се издига како знаме на омраза за соборување на владата во Тирана“, рече тој.
На крајот од објавата, Рама побара неговата изјава да не се толкува како напад врз премиерот на Косово, Албин Курти.
Тој нагласи дека не го смета Курти за одговорен затоа што активисти на Самоопределување биле вклучени во протестот.
„Оставете го Албин Курти надвор од оваа чорапа“, се заклучува во реакцијата на премиерот.
Албанија во четвртата недела на протестите што се одржуваат секој ден наречени „Фламинго револуција“ поради изградбата на луксузниот туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп. Интересно е што овој проект го бранат речиси сите политички сили во Албанија, за да ја докажат својата приврзаност кон САД, а особено кон Трамп. Некои тоа го прават премолчено, некои гласно. Граѓаните се на другата страна од политичарите – тие се против „Албанија да се продава“.