Албанците ќе направат тест преку Река колку се во Македонија!?

Независниот кандидат Блерим Река, поддржан од Алијансата за Албанците и Движењето Беса, со мотото „Река за Републиката“ ја стартуваше претседателската кампања од плоштадот ,,Скендербег“ во Скопје. Река беше задоволен што дошле неколку илјади луѓе, што, според него, го покажувало обединувањето на Албанците. Тој рече дека разделените Албанци прво траба да постигнат консензус со својот брат, пред да постигнат консензус со соседот. Тој ги повика Албанците масовно да излезат на гласање, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, за, како што рече, да се докаже дека Албанците не се анонимни 20 отсто. Река најави борба против корупцијата, непотизмот и селективната правда.

„Вие и само вие сте фактор на албанскиот глас и никој друг во ваше име. Не дозволувајте и по 30 години да ве убедат дека не треба да гласате за себе. Заедно со вас го почнуваме патот кон победата. Од Скопје на Хасан Приштина и на Мајка Тереза ја пишуваме новата историја за Република каде што владее правото, а не поединецот, а најмалку лидерот. Гласајте против корупцијата, непотизмот и селективната правда, но особено гласајте против пазарењето со вашиот глас од патриотски тендерџии. Вашиот глас ниту се продава, ниту се купува, ниту се простува, тој е ваш и само ваш, затоа излезете масовно, без разлика на која партија ѝ припаѓате. Со вашиот глас докажете дека не сме анонимни 20 отсто. Докажете дека вие не сте само гласачи туку и гласани. Затоа, Албанецот и не можеше да биде избран за претседател. Ова ќе се промени на 21 април, кога вие ќе избирате претседател. Од вас зависи дали сте за Албанец за претседател на Републиката. Вие сте суверенот што одлучува дали вашиот глас ќе ја направи Северна Македонија мултиетничка и евроатланска република“, рече Река.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, вели дека на 21 април Албанците преку Блерим Река ќе ја докажуваат големината што ја имаат во државата.

,,Блерим е тој што не ги остава Албанците без можност да изберат Албанец. Тој е оној што ќе ги направи горди сите Албанци. На 21 април гласајте за Блерим, за почитуваниот Албанец, Албанецот со чест и гордост, достоинствениот Албанец кој знаеше да ги презентира Албанците и во Европа. Албанците преку Блерим ќе направат тест на 21 април колку тие се овде во Македонија. Блерим ќе биде најдобриот показател за големината што ја имаат Албанците тука во нивната земја. Заедничкиот живот за сите е лажен, Блерим вели заедничка држава за сите. Блерим вели дека Албанците треба да бидат еднакви со Македонците во институциите. Албанските гласови на 21 април ќе биде глас на револт против оваа лажна власт што дојде со многу ветувања, а секој ден разочарува. Али Ахмети нема да излезе во кампањата бидејќи нема што да им каже на Албанците. Знаете зошто ДУИ во 2014 година не го поддржа Стево бидејќи тогаш Стево беше во опозиција, а сега е на власт“, рече Села.

Лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами, вели дека на овие избори го понудиле најдоброто решение, со кое, како што вели, Албанците ќе бидат застапени со достоинство и гордост.

„Со професорот Река не ги оставивме Албанците политички незастапени. Ги повикуваме Албанците да не го предаваат својот глас на македонските политички партии, туку да гласаат за Албанец бидејќи само тогаш Албанците ќе бидат застапени со достоинство и гордост. Преку кандидатурата на Блерим Река ние исто така нудиме можност на Македонците да го поддржат кандидатот кој има морален кредибилитет, има професионално знаење и e интелектуален над нивото на другите кандидати на овие избори“, истакна Касами.

Блерим Река вчера кампањата ја продолжи во Студеничани. Од изборниот штаб на Река велат дека се цело време на терен и дека водат директни разговори со граѓаните.

Арменд Мурсели