Аларм во Велика Британија: Се појави вирус кој се сметаше за искоренет, загрозени се малите деца

Вирусот на полио се шири во Велика Британија. Во последните шест месеци, за прв пат по 40 години, вирусот беше откриен во 116 примероци од отпадни води во осум лондонски области


На речиси милион деца под девет години во Лондон ќе им биде понудена итна вакцинација против детска парализа, откако здравствените работници потврдија дека вирусот што ја предизвикува болеста се шири низ Лондон.

Вирусот е откриен во 116 примероци од отпадни води, за прв пат по 40 години. Примероците се земени во осум различни делови на Лондон. Иако вирусот предизвикува детска парализа кај еден од 100 луѓе, научниците се загрижени за малите деца кои се ранлива група.

Во јуни беше откриен фрагмент од вирусот, и тогаш беше прогласен национален инцидент. Се веруваше дека примерокот е поврзан со домаќинство во североисточниот дел на градот.

Во средата, Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија објави дека вирусот бил откриен 116 пати од февруари.

Иако болеста сѐ уште не е дијагностицирана, лекарите веруваат дека вирусот неконтролирано се шири и ја надмина мрежата на неколку поединци и нивните контакти, соопшти агенцијата.

 

Дополнителна вакцина за 900.000 деца

Најавено е дека 900.000 деца на возраст до девет години во пошироката област на Лондон ќе добијат дополнителна вакцина против детска парализа во текот на следниот месец за да се зголеми заштитата од детска парализа и да се помогне да се намали ширењето на вирусот.

Лекарите сметаат дека ризикот за јавноста е мал бидејќи повеќето луѓе се заштитени со вакцинација во детството, но не сакаат да ризикуваат ширење на вирусот меѓу децата.
На родителите им е кажано да ги вакцинираат децата што е можно поскоро, особено во населбите каде стапката на вакцинација е мала.

„Не се пријавени случаи на детска парализа и за поголемиот дел од населението, кое е целосно вакцинирано, ризикот е низок“, рече д-р Ванеса Салиба, консултант епидемиолог од Националната агенција за здравствена безбедност.

„Но, знаеме дека областите во Лондон каде што се пренесува полио вирусот имаат некои од најниските стапки на вакцинација. Оние кои не се целосно вакцинирани се изложени на поголем ризик“, додаде таа.

 

Последниот случај беше пред речиси 40 години

Последниот случај на детска парализа во Велика Британија беше откриен во 1984 година, откако болеста беше искоренета благодарение на вакцината.

Дејли Мејл пишува дека до сега било нормално да се пронајдат до три позитивни примероци секоја година, но во април бил пронајден примерок кој бил генетски поврзан со примерокот од февруари. Во меѓувреме, вирусот мутирал во верзија која може да предизвика болест.
Лекарите веруваат дека вирусот пристигнал со патник, веројатно од Пакистан, Авганистан или Нигерија, каде што вакцината се зема орално, пренесува Дневник.хр.

Оние кои ја добиваат оралната верзија ја пренесуваат ослабената верзија на вирусот во нивната столица. Во некои области, вирусот може да мутира и да почне да делува како вирус од див тип – наречен полиовирус тип 2 (VDPV2) – тип на вирус кој може да предизвика парализа.

Доколку продолжи да се шири, постои ризик да зарази некој кој е невакциниран или не е целосно вакциниран и заразеното лице може да стане парализирано.

 

Пренос на вирусот и симптоми

Детската парализа може да се пренесе преку лошата хигиена на рацете, кога заразеното лице не ги мие добро рацете по користењето на тоалетот и ја допира храната или водата што ја консумираат другите. Може да се пренесе и со кашлање и кивање на заразено лице.

Вирусот се размножува во цревата и во големи количини се пренесува со измет.

Повеќето луѓе ќе бидат асимптоматски и ќе се борат со инфекцијата без воопшто да знаат дека ја имаат. Мал број луѓе ќе имаат болест слична на грип која трае од три до 21 ден, вклучувајќи треска, болки во грлото, главоболка, стомачна болка, болки во мускулите и повраќање.

Вирусот може да ги нападне нервите во ‘рбетот и основата на мозокот, што може да предизвика парализа која се развива со часови или денови. Ако парализата се прошири на мускулите за дишење, вирусот може да биде фатален.