АКТО фестивал во Софија, групна изложба на 18 дела од 20 македонски уметници


Со групна изложба на 18 дела од 20 македонски уметници „Прекаријатот има шанса – Јавни простори во движење (кон)“, на 16 јуни во Софија, Бугарија, ќе биде отворено 18. издание на АКТО фестивалот.

Изложбата ќе биде отворена до 29 јули оваа година, а ќе се претстават делата на уметниците Елена Чемерска, Искра Димитрова, Христина Иваноска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Верица Ковачевска, Шќипе Мехмети, Оливер Мусовиќ, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија), Александра Петрушевска Ристовска, Нада Прља, Дита Старова Ќерими, Никола Узуновски, Драгана Заревска и Ѓорѓи Десподов, Велимир Жерновски. Куратор е Ивана Васева.

Како што соопштија од АКТО, „Прекаријатот има шанса – Јавни простори во движење (кон)“ е изложба која опфаќа различни уметнички потфати кои повторно ја бараат и редефинираат јавната сфера и јавниот простор преку креирање тактики за нејзино освојување и пристап за прекаризираните и замолчените.

-Тоа се случува или преку директна и индиректна процесна релационалност со идеја за повторно присвојување и враќање на јавниот простор на неговите „сопственици“ или преку легитимирање на симболичен јавен простор каде што може да се замислат и обликуваат други потенцијали. Сите тие замислуваат ослободен простор, дури и привремено, за оспорување на постоечките наративи преку соработка во засилувањето на гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, незапаметените, испуштените, маргинализираните во рамките на постоечката хегемонија… Овие уметнички практики можат повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во тесна врска со социјалните движења или дури и да ги стимулираат во моменти кога се чини дека се слаби, потенцираат од фестивалот.

Од друга страна, оваа изложба истовремено зборува и за самите материјални услови на иницијаторите на овие процеси – уметници и културни работници кои живеат во несигурни околности со политичка, но без економска сила и без никаква или соодветна инфраструктура. Нивниот несигурен статус им нуди флексибилност, агилност и невидена критичност кога работат колективно, постојано се подготвени да преговараат и предизвикуваат тешкотии, посветени на нивната цел, иако во неизвесна економска и финансиска положба. Тие се тука и се справуваат со различни кризи со радикални имагинативни предлози, но често зависни од случајноста и често користејќи случајни постапки за дополнително да ги истражат нивните намери.

– Одлучивме 18-тото издание на АКТО фестивалот да го стартуваме не од Битола, каде тоа го правевме 15 години или од Скопје како што беше карактеристично изминативе две години, туку од Софија и да претставиме 18 уметници пред софиската сцена. Соработката помеѓу овие два контексти била поинтензивна во 90-тите години но за жал постои временски период кога овие контакти не се толку често практикувани. Иако има поединечни појави, сепак оваа изложба на едно место претставува дел од активната сцена во земјава преку темата на исчезнувањето на јавниот простор а со тоа и јавниот говор како и уметничките поединечни рецентни заложби преку кои се обидуваат повторно да го освојат и заедно да создадат пристап за прекаризираните и замолчените. Би сакала навистина да и се заблагодарам на Марија Василева, директорка на галеријата Структура за оваа покана, изјави Ивана Васева.

АКТО фестивалот за современи уметности е еден од ретките вонинституционални фестивали во земјава со долг континуитет на одржување. АКТО 18 се реализира во продукција на Факултетот за работи што не се научат – ФРУ во партнерство со Галерија Структура од Софија, со поддрка на Trust For Mutual Understanding (TMU) од Њујорк