Активни пожари во селата Могила и Ропотово, горат ниска вегетација и стрниште


Фото: Б. Грданоски

Вкупно седум пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 13 часот на територија на државата. Два во моментов се активни, два се под контрола, а три се изгаснати, соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи.

Од активните пожари, едниот е во подрачјето на село Могила, каде гори ниска вегетација. Другиот е на територија на општина Долнени, во регионот на село Ропотово, каде опожарено е стрниште.

Од пожарите ставени под контрола, едниот е на депонија во општина Делчево, а другиот во место викано „Стојанова населба“ во подрачјето на село Грешница, општина Македонски Брод, каде опожарени се ниска вегетација, деградирана шума и грмушки.

Изгаснатите пожари биле на територија на општините Василево, Гостивар и Петровец.