Активни 2 683 случаи на Ковид-19, од кои 856 во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Со регистрирани 131 нов случај од вкупно 1.297 тестирања во изминатите 24 часа, моменталниот број на активни случаи во земјата изнесува 2683, од кои најмногу 856 се во Скопје и 377 во Куманово, додека без регистрирани активни случаи се градовите Ресен и Крушево.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 14.293.

Додека Дебар и Кичево се без новозаразени во последните 24 часа, Делчево со десет нови случаи е меѓу градовите со најмногу заразени.

Фото: Б. Грданоски

 

Во Кичево вчера не се регистрирани нови заразени, со што вкупниот број на заразени со Ковид-19 остана на 269 лица, од кои 70 се активни, 187 се излекувани и 12 лица се починати.

Без новозаразени во последното деноноќие е и Дебар, каде моментно активни на болеста се 84 лица.

Со десет нови случаи Делчево е меѓу градовите со најмногу заразени од Ковид-19. Новите случаи како што информираа од делчевскиот здравствен дом се резултат на претходните тестирања и веќе познатите кластери.

Со денешната бројка, активни на коронавирус во моментот во Пијанечко-малешевскиот регион се 110 пациенти од кои 48 во Берово,  39 во Делчево, 12 во Пехчево и 11 во М.Каменица.

Фото: Б. Грданоски

Институтот за јавно здравје, во изминатите 24 часа, регистрира 81 оздравен пациент и шест починати, со што бројката на оздравени пациенти е 11.014 и 596 починати.

На Инфективната клиника во Скопје вкупно се хоспитализирани 73 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 45. Во болницата во Козле се хоспитализирани 13 возрасни пациенти, 6 деца, 4 мајки и 4 деца суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 40 пациенти, од кои н а респираторна машина се 3 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 10, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 111, позитивни и сомнителни на ковид-19.