Активирајте го „Северен тек 2“ што побрзо, бара потпретседателот на Бундестагот


Германија треба да дозволи блокираниот гасовод „Северен тек 2“ да започне со транспорт на руски природен гас за „луѓето да не мора да замрзнуваат во зима и нашата индустрија да не претрпи сериозни штети“, рече Волфганг Кубицки, потпретседател на германскиот парламент.

Гасоводот е завршен, но Берлин кон крајот на февруари одби да му дозволи да проработи како реакција на руската инвазија на Украина. Кубицки, кој е член на Слободните демократи (ФДП) на министерот за финансии Кристијан Линднер, повика на активирање на гасоводот „што е можно поскоро“ за да се пополнат складиштата за гас пред зимата.

Тој рече дека „нема добра причина да не се отвори „Северен тек 2“, бидејќи Германија веќе добива гас преку постариот гасовод „Северен тек 2“ од Русија до Германија. Тоа е само друга цевка“, рече тој.

Увозот преку Северен тек неодамна падна на само 20 отсто од капацитетот, пад што рускиот Газпром го оправда со одложеното враќање на гасната турбина, но за кој германските и официјалните претставници на ЕУ велат дека е политички мотивиран. Кубицки рече дека отворањето на Северен тек 2 ќе тестира дали рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ги зголеми испораките на гас во Германија. Рускиот лидер минатиот месец рече: „Ние сè уште имаме една подготвена рута – тоа е Северен тек 2. Можеме да го ставиме во функција“.

Неколку членови на ФДП ги критикуваа забелешките на Кубицки.

„Северен тек 2 е мртов“, рече Мари-Агнес Штрак Цимерман, пратеник од ФДП, која претседава со комисијата за одбрана на Бундестагот.