Актерот Петар Мирчевски добитник на наградата „4 Ноември“ на Битола за животно дело

Петар Мирчевски-Пепи, актер во Народниот театар Битола е добитник на наградата „4 Ноември“ за животно дело, а ниту еден од предложените не е награден за едногодишни достигнувања.
„Управниот одбор на наградата ‘4 Ноември’ при Советот на општина Битола, денеска донесе одлука наградата за животно дело да му ја додели на Петар Мирчевски, актер во Народниот театар. За едногодишни награди никој од пријавените не го доби потребното мнозинство гласови од Комисијата, така што оваа година нема да има награди за едногодишни постигнувања“, изјави за „Независен“ Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.
За највисокото општинско признание на Битола, наградата „4 Ноември“ конкурираат петмина битолчани кои во својот животен и професионален век учествувале активно во општествениот живот на Битола.
Предложени беа новинарот и фоторепортер Петар Ставрев, писателот Петре Димовски, потоа професорката по англиски јазик, сега во пензија и поранешен почесен конзул на Велика Британија во Битола, Лилјана Спировска, познатиот специјалист ортопед во пензија Томислав Зиновски и актерот на Народниот театар, Петар Мирчевски.
Не се памети досега дека не биле доделени наградите за едногодишни достигнувања. (А.Б.)