Актерката Силвија Стојановска осудена на три и пол години затвор


 
Актерката Силвија Стојановска е осудена на три и пол години затвор, а нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ на 7 години затвор. Пресудите се неправосилни. Обвинението ги товари за транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.
 

Будисавјевиќ останува во притвор, додека Стојановска останува на слобода до правосилна пресуда, со определени мерки на претпазливост. Неа претходно и беше укинат куќниот притвор. 

„Во текот на истрагата обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа”, стои во информацијата на обвинителството.

Обвинетите меѓусебно комуницирале со користење енкрочат телефонски мобилни уреди и мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.