Ако Судскиот совет треба да се распушти, ќе се согласиме, вели претседателот Георгиев
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, вели дека доколку Оценската мисија на Европската унија заклучи дека Судскиот совет треба да биде распуштен, ќе ја почитуваат таа одлука.
За емисијата „360 степени“ што се емитува на МРТ 1, Георгиев рече: „За мене зборувам, нема проблем. Ако е таква перцепцијата, ако е тоа препорака од релевантен фактор, тогаш нема дилема. Ништо не е вечно, тука сме да го спроведеме тоа. Прекин на мандатот за мене е многу реално ако се цени дека сето тоа ќе придонесе за да ги подобри состојбите за да имаме некаква доверба“, истакна Георгиев.
За случајот со судијата Енвер Беџети, кој е казнет со парична казна, а не и со разрешување, затоа што повеќе месеци во фиока го чувал предметот за незаконското прислушување, Георгиев вели дека немало доволно гласови за негово разрешување.
„Најмалку осум гласа е потребно за да се донесе одлука за разрешување на судијата, а во овој случај немаше осум гласа. Кога е ваква состојба, согласно законот, се продолжува да се оди прво со дисциплинските мерки коишто се изразени во парична казна од 15-30 проценти и најамалата казна е изразување јавен укор или опомена. Во случајов осум гласа доби намалување 20 проценти од платата во период од шест месеци“, рече Георгиев.
Прашан за неконзистентност во одлучувањето на Судскиот совет кој претходно ги разреши судијките Лидија Неделкова и Софија Лаличиќ за поситни забелешки, Георгиев рече дека и тогаш имало различни мислења, но натежнале гласовите на мнозинството.