Ако сме пријатели со Русија, Лавров не требаше да доаѓа во овој момент, вели српската вицепремиерка
Добро што рускиот министер не ја посети Србија и сега мораме да размислуваме за нашиот пат напред кон ЕУ, изјави Зорана Михајловиќ
Српската вицепремиерката и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ изјави дека е добро што најавената посета на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров на Србија е откажана бидејќи најавата за таа посета ја стави Србија во комплицирана положба.
„Самата најава за посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров беше комплицирана за Србија и за претседателот Александар Вучиќ. Се обидуваме да опстанеме во енергетска, финансиска и политичка смисла во време кое е навистина тешко и мислам дека најмалку ни треба за да ги решаваме светските прашања преку наш грб“, објасни Михајловиќ.
Таа потсетува дека често може да се слушне дека Србија е најдобар пријател на Русија.
„Ако ни се пријатели, бидејќи велат дека се, тогаш не требаше да планира да дојде во овој момент, да не одам до таа крајност да кажам дека требало да побараат од нас да им воведеме санкции. Мислам дека е добро што рускиот министер не ја посети Србија и сега мораме да размислуваме за нашиот пат напред, а Србија јасно се определи за патот кон ЕУ, како што рече претседателот Вучиќ“, изјави Михајловиќ за Еуроњуз, запрашана да го коментира откажувањето на посетата на Лавров.