Ако се затворат судовите, ќе се сопрат и роковите?


Фото: Б. Грданоски

Судењата што не се нужни препорачавме да не се спроведуваат со цел да се намали протокот на луѓе во судовите. Очекуваме дека таа препорака , судовите ќе си ја почитуваат, порача денеска министерката за правда Рената Дескоска. Околу можноста пак, поради кризата, некои од судските постапки да застарат, Дескоста одговори дека во некои земји се размислувало да се донесат мерки кои ќе го спречат тоа, па таква консултација таа ќе направи  со претседателот на Судскиот совет и претседатели на судови.

– Ако ги затвориме судовите во одреден период за одредени постапки тогаш треба да се донесе уредба со законска сила која ќе го прекине течењето на роковите. Бидејќи не можете некому да му затворите суд или одредена постапка, а да течат роковите и тој да изгуби право. Во тој дел сега ситуацијата не е дојдена до таму да го правиме тоа. Исто така доколку станува збор за кривични постапки што не е можно да се спроведуваат, некои земји веќе донесоа уредби со кои го запреа течењето на застарувањето на предметите во период на вонредна состојба, така што и тоа стои како можност, рече Дескоска.

Додаде дека треба да се поразговара и тоа да дојде како иницијатива од судовите и од Судскиот совет, бидејќи постои можност да биде преземена таква мерка.

– Инаку одредени постапки во судовите не може никогаш да ги затворите. Дури и во воена состојба судовите работат. Но, јавниот обвинител пушти посебно предупредување дека приоритет ќе добијат кривични дела за заштита на здравјето, кои се против заштитата на здравјето, рече Дескоска.

На прашањето дали има сознание дека Врховниот суд ќе прекине со работа, министерката за правда рече дека и таа добила такви информации и оти сите мерки кои ги утврдува Владата важат за сите институции, како што се препораките за самоизолација, препораките за изолација и на луѓе кои биле во допир со лицето кое е заболено важат и за Врховниот суд и за сите други судови.

– Затоа беше и апелот и во рамките на судовите целосно да се почитуваат сите препораки исто како што се почитуваат во министерствата, како што се почитуваат во другите државни институции, во Народна банка, секаде каде може да се појави таков случај сите институции имаат обврска на ист начин да постапуваат. Војската работи целосно, полицијата исто, министерствата работат, но ако се јави случај на заболен секако сите ќе мора да ги почитуваме тие препораки без оглед дали ни е ограничено или не ни е ограничено работното време, дали има можност да останат родители дома или не. Тоа што е мерка од Владата утврдена на предлог на МЗ задолжително е за сите, рече министерката за правда.