Ако се стабилни финансиите, зошто на банките им се брани да делат дивиденда, ги праша Азески вицепремиерот Битиќи и министерот Бесими


„Ако се вака стабилни проценките за финансиската состојба, зошто е потребно да се испраќа сигнал и да се одложува исплатата на дивидендите? Тоа е прашање што треба да се коментира министре“.

Вака, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески им се обрати на вицепремиерот Фатмир Битиќи и на министерот за финансии Фатмир Бесими, кои денес имаа средба со членките на комората посветена на актуелните прашања важни за стопанствениците. 

Азески прашањето го постави откако министерот Бесими одговарајќи на новинарско прашање рече дека Буџетот е во стабилна кондиција, како и дека според последните показатели, очекува приходите во февруари да бидат поголеми од истиот месец минатата година, што е доказ дека економијата се враќа во нормала.

„Во ниту еден момент низ целата криза ликвидноста на Буџетот не беше доведена во прашање. Со сите мерки кои што ги спомнуваме, напротив, сме ја зголемиле ликвидноста во економијата од страна на Буџетот“, рече Бесими додавајќи дека ќе продолжат да ги следат состојбите во економијата, иако, како што нагласи во сите проекции оваа година се очекува да заврши со позитивен економски резултат, значи со раст на БДП.

„Сепак, нема да престанеме, следиме и постојано ќе одиме со предлог мерки за подобрување на кондицијата на земјата, односно на нашата економија, за нејзино закрепнување и раст“, рече Бесими.

На Азески му одговори вицепремиерот Битиќи, кој рече дека не сака да ја коментира одлуката на Народната банка.

„Во принцип, не коментирам одлуки кои што доаѓаат од тие кои што се надлежни да го следат пазарот, во случајот Нардоната банка донесе една таква одлука и сметам дека тие најсоодветно би можеле да одговорат зошто нивната проценка во овој момент е банките да не делат дивиденди. Искрено, не би сакал повеќе да коментирам, рече Битиќи.

Инаку, Азески беше праша и како ја коментира состојбата со вакцините во земјава.

„Да беше Стопанската комора задолжена да ги донесе вакцините, тие ќе беа донесени, одговори Азески. (М.Ј.)