„Ако немаш здравје немаш ништо“: Лила Филиповска за борбата со ракот на дојка


Никој не знаеше дека нашата најомилена водителка Лила Филиповска  која ја нарекуваат кралица на квизовите и препознатлива по гламурозниот изглед –  води битка со подмолната болест… никој, освен најблиските. Таа повеќе од една година молчеше дека ѝ е дијагностициран канцер на дојка, за што првпат проговори во ексклузивното интервју за „Убавина и здравје“. Па, како успеа да функционира како ништо да не се случува?

-Уште на почеток одлучив дека нема да зборувам за болеста и дека нема да кажувам на никого, освен на најблиските. Тоа беше моја одлука. Ми требаше мир. Немав сила да зборувам за тоа додека ми трае лекувањето. Затоа, продолжив да живеам и да работам како ништо да не се случува. Признавам, воопшто не беше лесно, но Бог ми даде неверојатна сила за која не бев ни свесна дека ја поседувам. Секако, непресушна енергија ми беа и љубовта на син ми, сестра ми, брат ми, мајка ми и моите прекрасни пријатели, раскажува водителката на квизот „Сè или нешто“, која им е инспирација на голем број жени што се соочиле или се соочуваат со подмолната болест.

„Се чувствувам одлично, победнички! Последниот пет-скен покажа дека канцерот се повлекол и дека сум здрава! Имам измешани чувства. На моменти се смеам гласно, па ќе ми надојдат солзи… Повеќе од една година бев во постојана неизвесност и сонував за овој момент кога докторите ќе ми кажат: „Лила, во оваа битка ти си победникот!“ За среќа, го дочекав тоа“, вели Лила.

„Еве баш вака сум насмеана заради илјадниците пораки што ги добив од вас драги пријатели, тони љубов и желби за добро здравје. А што друго ни треба? Ако немаш здравје немаш ништо!!!

Ама кога го имаме често забораваме да го цениме. Секој има своја борба, и никогаш не знаеш кој со каков проблем се соочува… затоа секогаш биди љубезен, барем тоа е бесплатно.

Жалам што не можам на сите да ви вратам на прекрасните пораки, но еве на овој начин сакам да ви се заблагодарам искрено и од срце за одвоеното време и убавите желби.

Во наредниов период подетално ќе зборувам за мојот пат, се со цел да помогнам некому што можеби го поминува истото… затоа што во вакви моменти поддршката е најважна и ве молам секогаш кога можете давајте ја, затоа што тоа е главната сила во битката со секое зло, па и со ова“ -порача водителката, која се оперираше во Истанбул.