Ако нема избори, ќе има нова вонредна состојба

Фото: Б. Грданоски

Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски денеска изјави дека ако нема избори на 21 јуни, тогаш мора да се продолжи вонредната состојба. Партиите, според него, имаат прилика да се договорат кога ќе има избори, а тие е најдобро да се случат со консензус.

-Има две големи контрадикторности кај ВМРО – ДПМНЕ, од една страна критикуваат како лошо се менаџира кризата, а ВМРО-ДПМНЕ излезе со формално барање за намалување на мерките, што едно со друго не оди. Освен ВМРО-ДПМНЕ никој друг не зборува против избори. Второ, за роковите, ние имавме иницијатива да се соберат пратениците чиј мандат се уште трае, ама не работат, иако земаат плата. Тврдам дека Парламентот требаше да се собере, а опозицијата не сака Парламент, ама не сака ни избори. Јасно е, ако до 30 мај нема договор за избори, ние ќе мораме да ја продолжиме вонредната состојба. Имаме секој ден нови заразени, тоа е факт, но далеку сме од претходните недели. Граѓаните не може да се водат од интересите на една партија. Затоа имаме прилика да се договориме кога ќе имаме избори, изјави во емисијата „Детектор“ на телевизија Сител Манчевски.

Според него, ако нема избори на 21 јуни, тогаш ќе мора да се продолжи вонредната состојба.

-Ако е неопходно ќе има и лидерска средба околу датумот за изборите. Изборите е најдобро да се случат со консензус затоа што имаме време и волја. Очекувам и друг тип на состаноци дека ќе има, но најмалку една лидерска ќе треба за да се договориме. До крајот на вонредната состојба имаме можност да направиме спогодба, а ако до тогаш нема договор, тогаш по завршување на вонредната состојба ќе почнат подготовките, согласно закон, односно ќе продолжат изборите онаму каде што застанаа, рече потпретседателот на СДСМ.

Посочи дека кога и да се одвиваат изборите, во јуни, јули или септември, вирусот ќе биде тука.

-Сите експерти зборуваат дека на есен ќе имаме нов бран на вирусот и затоа не смееме да ризикуваме. Колку повеќе се приближуваме кон декември, кога истекува мандатот на актуелните пратеници, толку повеќе ќе имаме уставни проблеми, рече Манчевски.

Тој истакна исто така дека сите одлуки во врска со пандемијата се носеле согласно препораките на лекарите и кога и да се изборите, важно е како ќе се спроведат и како ќе се организираат. Изборите, кога и да бидат ќе мора да се одржуваат во специјални услови. СДСМ, според Манчевски, нема да организира големи  митинзи, а ќе се размисли и за за одење од врата до врата.

-Многу повеќе ќе имаме медиумски настапи, настапи на социјални мрежи, со еден збор мора да биде поинаку, изјави Манчевски.