Ако некој не ги потроши шесте илјади денари помош, парите ќе бидат вратени во Буџетот


Фото: Б. Грданоски - задолжителни маски и ракавици за вработените

Вицепремиерот Фатмир Битиќи е уверен дека граѓаните наменски ќе ги потрошат парите предвидени со една од мерките од четвртиот пакет и дека со купување домашни производи ќе ја помогнат македонската економија. Запрашан денеска дали некој кој нема да купува само македонски производи може да очекува да му бидат минусирани тие средства, Битиќи рече дека банките имааат механизам за контрола на средствата кои што ги имаат префрлено и дали тие се потрошени или не во законскиот рок од 30 дена.

Законот за финансиска поддршка предвидува на одредени категории граѓани да им се префрлат на нивните трансакциски сметки по 6.000 денари, но исто така предвидува банките да имаат обврска да ги вратат на буџетска сметка неискористените средства. Што доколку некој кој ги потрошил парите на македонски, но и на странски производи, односно дали луѓето кои нема совесно да ги потрошат парите ќе имаат обврска да ги вратат назад, беше запрашан Битиќи на прес конференцијата посветена на Предлог-буџетот за 2021 година?

„Законот во овој момент е во собраниска процедура и не може да кажеме кое ќе биде конечното законско решение, бидејќи може да има амандмани и одредени промени. Но, тоа што беше зацртано е дека креираме систем во кој што на граѓаните ќе им обезбедиме можност да си ги повлечат средствата затоа што ако го применевме истиот модел како со платежните картички, сметаме дека ќе го доведевме во ризик здравјето на секој еден граѓанин, повеќе од овој пристап за кој сега се одлучивме“, рече Битиќи, додаавајќи дека целта е да се помогне средствата да стигнат до граѓаните, а соодветно граѓаните ќе имаат можност во рок од 30 дена да ги искористат.

„Да не заборавиме, зборуваме за скромни 6.000 денари кои што на граѓаните во овој момент им се и тоа како битни“, рече Битиќи.

Тој додаде дека граѓаните во нашата земја се свесни дека при трошењето на секој еден денар кај домашните компании, тој вреди многу повеќе отколку купување на странски производи.

„Банките имааат механизам за контрола на средствата кои што ги имаат префрлено во тие 30 дена, дали се или не се потрошени. Тие имаат модел на проверка колку се потрошени средствата во компаниите и да направат одредена противтежа дали и како би требало да постапат ако останат средства кои не се потрошени“, рече Битиќи.

Тој рече дека слично како и кај платежните картички и сега веројатно ќе има примери на граѓани на кои нивните трансакциски сметки воопшто не се активни или не ги користат (не се тука, или од било која друга причина).

„Во такви случаи, банките имаат увид во секоја трансакциска сметка, нема да треба дополнителни чекори да се провери дали се потрошени или не. Во тие случаи со средствата ќе се постапи соодветно и ќе се вратат во Буџетот за да се искористат за други намени“, рече Битиќи, додавајќи дека пристапот не е дискриминирачки, туку во период на криза добро е да се свртиме кон тоа што е наше.

Одговарајќи на прашањето според кој крутериуми Владата ќе ги определува фирмите каде што граѓаните ќе можат да купуваат македонски производи и дали се можни злоупотреби и фаворизирање на одредени продажни места, вицепремиерот рече дека процесот е транспарентен.

„Категорично не, заврши времето кога некој некого фаворизираше. Процесот е транспарентен, има систем кој што ќе се објави многу скоро, штом законското решение влезе во сила“, нагласи Битиќи.

Тој објасни дека сите субјекти кои што се заинтересирани да бидат составен дел од оваа операција на трошење на финансиските средства за помош на граѓаните, ќе може да се регистрираат и како што ќе се регистрираат, така списокот на овие фирми јавно ќе се објави на веб страницата „Купувам домашно“. (М.Ј.)