Ако не врне, за една недела, автопатот Миладиновци-Штип ќе биде во употреба

Фото: Б. Грданоски
За седум работни дена, доколку нема дожд, треба да заврши поставувањето на заштитната мрежа на автопатот Миладиновци-Штип, во должина од 47 километри, вели за МИА директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
Непоставената заштитна мрежа во должина од 30 километри на потегот од Свети Николе кон Миладиновци, според образложението од ЈПДП, пред околу два месеца го одложи пуштањето во употреба на автопатот со кој треба да се скрати патувањето од Скопје до Штип за околу 30 минути.
Китанов тврди дека се отстранува и последната пречка за пуштање на автопатот. Првично по него ќе се вози со времен режим во близина на натпатникот кај Свети Николе каде што треба да се градат спојници, исто како што сега се одвива сообраќајот на делот од автопатот кај Кадрифаково. Паралелно ќе се работи на изградба на 10-ина сервисни патишта што претходно не биле предвидени. За тие активности веќе е објавен тендер што треба да заврши на 2-ри следниот месец, а со него се опфатени и работите за натпатникот кај Свети Николе. Дополнително во тек на летото ќе стартува изградбата на двете планирани патарини, кај Кадрифаково и кај Свети Николе. И во тие делови во тек на изградбата што се очекува да трае околу половина  година  исто така ќе има времен режим.
Во одговор на дилемите што се отворија во јавноста по пролонгирањето на ставањето во функција на автопатот  Китанов за МИА појаснува дека во декември лани добиле известување од кинескиот изведувач „Синохидро“ дека автопатот е готов, но оти при надзорот било утврдено дека нема сервисни патишта  и оти недостига 35 проценти од заштитната мрежа. Мрежата била предвидена во проектот, но ја немало во премер пресметките.
– Констатиравме дека ја нема како фактура за плаќање. Затоа се даде казнен налог на Синохидро да ја довршат мрежата. Моментно  е останата работа за уште седум осум работни дена  но тие да бидат без дожд. Надзорот утврди дека не е завршен делот со заштитната мрежа, околу 35 проценти. Тие се повикуваат на тоа дека имавме времен режим на сообраќај, дека треба таму да се градат патарини, но ние рековме дека за нас најбитно нешто е безбедноста на граѓаните и затоа го одложивме тогашното пуштање бидејќи се поклопуваше и со претседателските избори за да се  доврши делот од патот каде требаше да се стави таа заштитна мрежа, изјави Китанов.
Дополнително биле формирани тимови кои ги направиле потребните геодетски снимања каде да се поставува мрежата, утврдено е дали има потреба од експропријација,  како и цената, за што се земале параметри од Кичево-Охрид за каде имало премер пресметка. Откако изведувачот ја завршил постапката со понудите пристапил кон нејзино поставување.
– Автопатот,  според проектот, е завршен комплетно, но проектот имаше многу недостатоци, никој не ги имаше земено предвид населените места околу Свети Николе каде има 30 куќи за кои немало сервисни патишта.  И клучката која беше предвидена за Свети Николе беше неупотреблива. Таа се проектираше повторно,  се градеше и до декември до кога беше рокот беше завршен натпатникот, но без спојниците. Ги евидентиравме сите работи, како што се цевките на Водостопанство за надводнување на полето, пристапните патишта за населените места, за приклучување кон Свети Николе. Не можевме да ги дадеме на Синохидро затоа што не се во проектот.  Направена  е проектната задача, објавен тендерот и тој требада заврши на 2 јуни. Но, сите тие активноти се надвор од трупот на автопатот,  укажува Китанов и дополнува дека очекува за месец до два  да завршат сите работи што се непосредно до патот.
Изградбата на автопатот почна во мај 2014 година. Дел од автопатот, на потегот од Штип до клучката Кадрифаково, веќе се користи со привремен режим на сообраќање на возилата. Инвестицијата во изградбата на овој автопат изнесува 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската Ексим банка и буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Со изведувачот на работите, кинеската компанија „Синохидро“, беа склучени два анакса на Договорот за изградба, со кои во два наврата се продолжуваше рокот за пуштање во употреба.
Според Китанов, автопатот Миладиновци-Штип требаше да биде готов во мај 2017 година, а новата Владата дојде еден месец подоцна и  неосновани се обвинувањата од опозицијата дека „го кочи“ автопатот.
– За три години претходно беше направено 50 проценти, а по утврдување на сите проблеми и потпишувањето  на анексот на Договорот ние за една година изградивме 50 проценти, вели директорот на ЈПДП.
Во летниот период ќе следува изградбата на патарините  кај Кадрифаково и кај Свети Николе, за кои, укажува, од претходната власт немало проект.
– За една година направивме нов проект, извршивме експропријација и извадивме дозвола за градба  и веќе аплицираме во ЕБРД,  од каде се обезбедуа заем. Очекувам тендерот да заврши до јули и да почне изградбата. И на тој дел од автопатот сообраќајот во тој период ќе биде со времен режи, исто како и секаде каде што се градат патарини, наведе Китанов.
Со заемот од ЕБОР треба да се изградат и патарините за автопатот Кичево-Охрид и да се овозможи софтверско опремување на патарините долж Коридор 8. Изградбата на една патарина со електронска наплата чини околу 1,8 милиони евра.
На автопатот Кичево-Охрид , како што информира Китанов, моментно се работи со намален интензитет, но деновиве се очекува одлука со која ќе може да се користат средствата за изградбата од бидат од кинеската Ексим банка. Станува збор за околу 200 милиони евра од  првиот кредит и 185 милиони евра од вториот што беше побаран за дополнителните работи на автопатот утврдени по едногодишниот застој на работите на терен.
–  Добивме известување дека се одобрени парите од Ексим банка, одобрено е и од Министерство  за финансии и од Влада, и знам дека овие десет дена треба да помине  во Парламентот во Кина. Тоа се два пакета. Таму се останати 200 милиони евра. Времето за повлекување на тие пари беше до 15 јануари, пет дописи испративме до Ексим банка за да ни дозволат овие да можеме да ги влечеме додека да стаса кредитот, потоа на тие да се пролонгира, но не известија дека плаќањето ќе биде во пакет, објаснува Китанов.
Според проектот, на автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри, се завршени 60 проценти од планираните градежни работи.
– Нема застој, но ако треба да работи со 100 проценти, сега се работи со намален интензитет и со пристигнувањето на средствата од Ексим банка капацитетот ќе се зголеми за 100 проценти, најавува Китанов, посочувајќи дека се завршени 98 проценти од експропријацијата на земјиштето.
Изградбата на автопатот  според првичниот Договор со „Синохидро“ чинеше 411 милиони евра, а со третиот анекс на Договорот беа обезбедени дополнителни 187 милиони евра.
Според новиот анекс „Синохидро“ треба да изгради девет клучки кои претходно не биле предвидени, како и алтернативен пат од Пресека до Арбиново, да изведе дополнителни работи во тунелот Пресека, како и сите пропусти за вода на целата траса и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштата на целата траса.