Ако не оценуваат соодветно, наставниците во Хрватска може да платат казна до 500 евра?


Министерството за наука и образование на Хрватскаодлучи да воведе казни за наставниците преку измени на основниот закон за образование, пишува денеска Јутарњи лист.

Во предлог-измените на Законот за образование се пропишани дури девет прекршочни ставки за кои наставниците би биле казнети со парична казна од 200 до 500 евра. Идејата ги изненади коморите, а претставниците на синдикатот ги нарекоа законските измени „лов на вештерки“.

Најмногу ги изненади предлогот да се казнуваат наставниците за „погрешно“ оценување. Во законските измени е пропишано, имено, вработените во училишните установи за кои е утврдена лична одговорност може да бидат финансиски казнети доколку изведуваат настава спротивно на пропишаната наставна програма, користат неодобрени учебници или не преземаат мерки за заштита на правата на учениците и не ја пријават повредата на овие права до надлежните органи.

Наставник ќе биде казнет со глоба до 500 евра доколку не спроведе соодветни образовни програми и форми на помош за ученици со пречки во развојот или ако организира рекламирање во училиште кое не е во согласност со содржината на образованието.

Наставниците ќе бидат „удрени“ по џебот и доколку се утврди дека се одговорни за неспроведување на безбедносни мерки при екскурзии и матуранти или ако на учениците им изречат педагошки мерки спротивно на Правилникот за критериуми за изрекување педагошки мерки.

Во низата проблематични прекршочни ставки за наставниците е и онаа според која тие ќе одговараат финансиски доколку при оценувањето на учениците не постапат согласно прописите, односно важечкиот Правилник за оценување.

За истите прекршоци, меѓу кои и 12 други, ќе одговараат финансиски и училишните институции. Истовремено, глобата за правните лица е благо зголемена од 5.000 куни на 10.000 односно од 700 до 1.500 евра. Старото законско решение предвидува казни за училишните институции, односно одговорните лица во училишните институции, поточно директорите.

Наместо 11 прекршоци кои беа предмет на финансиски казни за училишните институции, сега се предлагаат 21, од кои девет се однесуваат на училишните институции како и на работниците за кои ќе се утврди дека се лично одговорни за конкретен прекршок. Новина е и воведувањето финансиски казни – од 100 до 500 евра за претседатели и членови на училишни одбори во случај на незаконско однесување на работното место, пишува новинарката на Јутарњи лист, Мирела Лилек.