Ако има војна половина од граѓаните не би се бореле за Македонија


Фото: Б. Грданоски

Според истражувањето на „Галуп интернешнл“ денес помалку луѓе во светот се подготвени да се борат за својата земја во споредба со пред една деценија, пренесува Дојче Веле

Ако има војна во која е вклучена и вашата држава, дали би се бореле за својата земја?

„Да“на ова прашање одговориле 34% од анкетираните во Северна Македонија, „не“ одговориле 51%, а 15% – не знам/не дале одговор.

Ова го покажува новото истражување на Светската асоцијација „Галуп интернешнл“ спроведено во 45 земји во светот, репрезентативно за повеќе од половина од светската популација. Интервјуирани биле вкупно 46.138 лица, телефонски, онлајн или лице в лице, во периодот од октомври до декември 2023 година. Во РСМ лице в лице биле интервјуирани 1.202 полнолетни граѓани, во периодот од први до 21-ви декември 2023 година.

Дали Северна Македонија отскокнува  од ставовите по ова прашање во споредба со земјите од ЕУ? Одговорот е – не. Ако се гледа процентот во ЕУ според вкупните резултати, оние кои би се бореле за земјата се 32%, оние кои не би се бореле е 47%, а 21% немаат одговор. 

Денес помалку луѓе во светот се подготвени  да се борат за својата земја  во споредба со пред една деценија, оценуваат истражувачите.