Ако има бојкот, нема да има попис


Пробното пребројување помина успешно со мали недостатоци што нема да влијаат на процесот. Ова е оцената на Државниот завод за статистика за пробниот попис на населението што се одвиваше две недели на територијата на 13 општини во државата. Само триесетина граѓани одбиле да се попишат, а во април 2020 сите задолжително ќе мораат да бидат попишани. Технички пречки за одложување на пописот нема, но бојкот од опозицијата може да го спречи процесот.

„Кој било бојкот ќе значи немање попис, да се разбереме. Последната работа што кој било ја посакува во Заводот е да се случи такво нешто. Се надевам дека ќе сфатат сите политички субјекти дека овој закон е најмалку во допир со политиката и дека е исклучително професионален“, порача директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски. Политичките партии, додава тој, треба да го прифатат пописот како статистичка операција, а не политичка.

Законот сè уште не е ставен на дневен ред на собраниска комисија. Од статистика велат дека би било добро доколку се изгласа до крајот на годината бидејќи буџетот кој ќе биде потребен за спроведување на пописот чека на одлуките од пратениците.

Наредната недела ќе се разговара со ВМРО-ДПМНЕ со цел да се усогласи содржината на законот за попис. Од партијата велат дека е потребен попис, но нагласуваат дека власта не ги применува европските стандарди. Притоа бараат да се спроведе броење на резидентното население, онака како што според нив е во останатите европски земји. Досега посочија неколку елементи кои се спорни за нив, како запишување на матичните броеви при собирањето на податоците.

Пописот кој треба да се спроведе во април наредната година ќе чини околу осум и пол милиони евра. Ќе содржи и етничка графа, а ќе се пребројуваат и иселениците со македонско државјанство, но од Заводот за статистика тврдат дека тие нема да се вбројат во вкупното население. (П.Р.)