Ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка, тогаш не заслужува да се вика европска
Ако Европската Унија дозволи на некој начин македонскиот јазик да биде пречка тогаш нема да ја заслужи во своето име „европска“, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров од Прилеп каде ја предводеше владината делегација по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
„Не е европски македонскиот јазик да стане пречка на нашата европска иднина и интеграција. Ако Европската унија дозволи на некој начин македонскиот јазик да биде пречка за нашата интеграција, тогаш таа нема да ја заслужи во своето име придавката „европска“ и не знам дали ќе можеме да веруваме на ваква Европска унија.
-Нема пријателство без заемна почит. Сите што сакаат да го видат македонскиот народ блиску и пријателски, мора да нè прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик“, рече Димитров.
Според него,ниту една држава во светот, ниту соседна, ниту подалечна, па ниту меѓународна организација, нема право да се меша во нашето право на самоопределување.
-Прашањата ќе се решаваат на линија на европските принципи. Во ерата на 21 век, правото на самоопределување на сите народи, вклучувајќи го и македонскиот народ, е неспорно. Процесот што го почнавме со Бугарија во однос на разговор за наративите од заедничкото минато што не поврзува, мора да има и прифаќање на реалноста. Историјата не може да ја смениме, сегашноста можеме, можеме да обезбедиме подобра иднина. Сака мудрост од двете страни, рече Димитров.
Одговарајќи на новинарско прашање кои беа фашистичките окупатори, Димитров рече дека е погрешно едно зло да се врзува со цела нација.
– Многу е лошо ако лошото го врзуваме за нација. Во секоја нација, некогаш сме на добрата страна на историјата, некогаш на лошата страна. Мислам дека треба да го осудиме лошото или злото, ама без притоа да ставиме белег на една цела нација. Така е со Германија, една од нациите која најискрено и отворено се соочи со сопствената историја. Најверојатно нема друга нација во светот која толку директно и со отворени очи се соочила со фашизмот, најцрната страница од историјата на човештвото. Мислам дека ќе згрешиме ако на нашите соседи, прашањето беше за Бугарија, го ставиме тоа петно како на цела нација. Така ќе останеме назад. Речено е дека историјата треба да ни биде учителка, а не затвор. Ако оцрниме цел народ, историјата ќе ни стане затвор и нема да имаме избор, освен да се конфронтираме. Затоа мислам борбата била против фашизмот, но таа етикета не треба да се лепи на еден цел народ, изјави Димитров.
Тој потсети дека е формирана комисија за историја каде има историчари од двете страни кои треба да ги разговараат овие прашања од историјата. Кога политиката премногу ја употребува историјата, обично не може да испорача резултати и не може да направи чекор и денес и утре, во сегашноста и во иднината. Овие прашања треба да ги оставиме на комисијата, на историчарите. Тие не се дојдени до периодот од Втората светска војна, а ние треба да се обидеме да ги повлекуваме чекорите за каква иднина сакаме да имаме утре, и во односите и во пријателството. Ако правиме чекори на тоа што се случило во 20, 19 век и порано, не сум сигурен дека ќе стигнеме таму каде што сакаме, нагласи вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров при чествувањето на празникот во Прилеп.