Акцизата на нафтените деривати се зголемува за три денари, одлучи Владата


Акцизата на нафтените деривати се зголемува за 3 денари а сите средства ќе одат во Буџетот, односно во фондот за справување со коронавирусот, соопшти портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.

Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со корона вирусот и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја во предвид вонредната состојба, економската состојба и намалената потрошувачка на горивото, како и драстично намалената цена на горивото на пазарот, рече Хоџа.

Како што појасни денеска на прес-конференција Хоџа, со оваа уредба, меѓу другото се пропишува износот на акцизата за безоловниот бензин, дизел горивото и горивото за греење.

– Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со корона вирусот и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби. Зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за правните субјекти и населението со оглед на фактот дека значителниот пад на цената на нафтата на светските берзи предизвикува значително намалување и на малопродажните цени на горивата во нашата држава, истакна Хоџа.

Тој нагласи дека тврдењата оти зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната или другите дејности врзани со нафтените енергенси се финансиски неоправдани и неосновани.

– Напротив, транспортните компании на почетокот на годината кога ги креираа своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на нафтата. Согласно тоа, истите веќе остваруваат заштеди по основ на цените на нафтата кои ги плаќаат, рече Хоџа.

Тој информираше дека во 2019 година во Буџетот биле наплатени 240 милиони евра по основ на акциза од дизел, безоловен и екстралесно, а во 2020 година планот за акцизите по овој основ биле за околу плус 15 милиони евра споредено со 2019 година. Според проектираните сценарија, по кризата на годишно ниво падот на приходот по основ акциза од нафтени деривати при драстично намалено ниво на потрошувачка би изнесувало 12 проценти споредено со 2019 година или 30 милиони евра ако остане моменталната цена на акцизата

– Доколку цените на акцизата се зголемат за три денари до септември при истото драстично намалено ниво на потрошувачка ќе се покријат 18 милиони евра. Намалувањето ќе биде 12 милиони евра или во Буџетот по основ на акциза за нафтени деривати ќе има 228 милиони евра, односно 12 милиони евра минус или 7,5 отсто помалку споредено со 2019 година. Ако цените на акцизата се зголемат за 3 денари до декември ќе се покријат 31 милион евра, или 241 милион евра на годишно ниво ќе има плус еден милион евра споредено со 2019 година, но секако се уште помалку од околу 14 милиони евра споредено со планот за 2020 година или проектирано 255 милиони евра по основ на акциза на нафта, појасни Хоџа.

Во прилог на оправданоста на зголемувањето на акцизата на нафтените деривати како антикризна мерка, Хоџа рече дека нашата држава има најниска цена на акцизата во споредба со висината на акцизата во други земји спрема поставениот минимум во ЕУ.

На прашањето, зошто Владата не донесе одлука за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво со таа на дизелот, како што бараше Стопанската комора, Хоџа беше дециден дека ефектот од таквата мерка би бил речиси никаков.

– Екстра лесното гориво е наменето само за лимитирана употреба и законски е забрането за продажба од 15 април, ефектот од таквата мерка би бил скоро никаков, истакна портпаролот на Владата.

Хоџа повтори дека зголемувањето на акцизата за три денари нема да предизвика дополнителни финансиски импликации врз компаниите и населението, ниту, како што рече, од тоа ќе трпат транспортната или другите дејности зашто цената на нафтата е намалена за 20 денари. Сите средства од зголемената акциза ќе одат во државниот Буџет, односно во Фондот за справување со коронавирусот.

– Ова е добро и правично решение, директна инјекција за државниот Буџет, истакна портпаролот на Владата.