Акционерите дадоа зелено светло – Шел се сели од Холандија, го менува името


Акционерите на нафтениот гигант Royal Dutch Shell денеска гласаа за одобрување на плановите на компанијата да ја ревидира својата правна и даночна структура и да го премести своето седиште во Обединетото Кралство од Холандија.

Англо-холандската фирма соопшти дека поедноставувањето на нејзината двојна даночна структура е дизајнирано да ја зајакне конкурентноста, да ги забрза плановите за енергетска транзиција и да помогне да се олесни распределбата на профитот на акционерите.

Прелиминарните резултати во петокот наутро покажаа дека 99 отсто од акционерите кои гласале преку полномошници ја поддржале специјалната резолуција, објави Ројтерс, по преброени 58 отсто од гласовите.
Официјалните резултати се очекуваат подоцна, иако се смета дека е малку веројатно да го промени исходот. За одобрување на предлогот потребно е одобрение од најмалку 75 отсто од гласовите.

Предлогот предвидува и компанијата да го отстрани „Royal Dutch“ од своето име и да стане „Shell PLC“. Преселбата во Лондон од Хаг се очекува на почетокот на следната година.

Предлогот дојде неколку недели откако американскиот хеџ фонд „Third Point“ објави купување на поголем удел во „Шел“ вреден 750 милиони долари, пренесува Biznisinfo.ba.

„Third Point“ побара Шел да се подели на неколку компании кои ќе привлечат инвеститори, кои се откажуваат од инвестиции во слични компании поради еколошки причини и загриженост за климатските промени.