Aкција за чистење на планинарскиот дом „Јелак“

Планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово организира марш до месноста Лешница и спроведување еколошка акција за чистење на тој предел. Акцијата е насловена „Чисто, како Лешница после нас“.

-Летото кое штотуку измина ја вивна Долна Лешница и Кадите на Кривошиска река во несомнено најатрактивна планинарско-туристичка дестинација во Македонија, и како таква беше посетена од илјадници луѓе во релативно краток период. Таквата фреквенција и поведението на некои од посетителите донесоа ѓубре во поголема количина од вообичаеното, расфрлано низ убавините на утробата на Шар Планина.Затоа, како вљубеници во природата, но и како тетовчани, чувствуваме обврска да преземеме иницијатива за нејзино темелно чистење, истакнувааат од ПК „Јелак“.

Во соработка со шумската полиција и јавното престријатие „Национални шуми“ обезбеден е одвоен транспорт на ѓубрето од самата Лешничка долина, па сѐ до местото на негово одлагање во Тетово.

-Како организатори, освен организација и координација на еколошкиот дел и негова логистичка поддршка, обезбедуваме и организирано движење со планинарски водичи на колоната учесници од с. Бозовце до Долна Лешница, како и наменско движење кон Кадите на Кривошиска река со цел чистење и на тој потег, информираат од клубот.

Планинарско-рекреативниот дел од акцијата се состои од движење на колоната во група, од селото Бозовце во недела во 8 часот па сѐ до конечните дестинации за чистење.  На акцијата за чистење ќе се приклучи и новоформираната иницијатива „Стоп за мали хидроцентрали на Лешница составена од претставници на граѓанските здруженија, планинари, екологисти и други.