Акција на МВР во Гостивар: Превезувале ученици со нерегистрирани комбиња и без возачки дозволи


Полицијата во последната контрола на комбиња кои превезуваат ученици од средните и основните училишта низ Гостиварско открила низа прекршоци кои ја загрозуваат безбедноста. Откриени се и тројца возачи зад волан седнале без возачка дозвола.

Вчера попладне во периодот од 18 до 21 часот, во Гостивар со акциска контрола биле опфатени 35 возила (комбиња) со кои се превезуваат ученици.

– При контролата, откриени се девет возила со претовар на патници, осум возачи без лекарско уверение, тројца возачи без положен возачки испит, еден со несоодветна категорија, две нерегистрирани возила и еден возач кој не ја приспособил брзината според условите на патот, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Констатираните прекршоци биле санкционирани со законски предвидените поднесоци. Од почетокот на годината во гостиварскиот регон откриени се 22 случаи на претовар на патници од кои 14 биле во февруари.