Акција „Дрво на пријателството“ во главните градови од регионот

Европскиот фонд за Балканот ја почна кампањата „Дрво на пријателството“, која предвидува засадување 400 дрвја во сите престолнини на земјите во регионот. Дрвата ќе бидат засадени истовремено утре (30 октомври) во Скопје, Белград, Приштина, Тирана, Подгорица и во Сараево. Најавена е волонтерска и логистичка поддршка од голем број локални партнери, од здруженијата „Право на град“, „Шумата пее“ и „Улици за велосипедисти“.

Идејата на акцијата е да се компензира штетата во форма на емисии на СО2 предизвикана преку сите деловни летови на ЕФБ во текот на 2019 година. Целта е да се покаже дека е можно да се направи разлика на локално и регионално ниво, со преземање индивидуална одговорност.

-Со оваа акција првенствено сакаме да ја подигнеме свеста кај граѓаните од земјите од регионот за последиците што ги имаат нивните индивидуални активности врз загадувањето на природата. Драго ни е што на локално ниво успеавме да се поврземе со релевантни партнери за оваа тема“,вели Александра Томаниќ, извршна директорка на ЕФБ.

Катарина Тадиќ, менаџер на програмата во ЕФБ, вели дека епидемиолошката состојба ги спречи организаторите да ги вклучат и граѓаните во акцијата, како што беше првично планирано. Но, додава, останува пораката за важноста на одлуките што може да ги донесе секоја индивидуа, како што е еколошки свесниот избор на превозни средства, за да си помогнеме себеси и на другите.

Покрај симболичното и мотивациско значење што го има оваа акција, организаторите се одлучија да го сторат тоа и со цел да ја подигнат свеста за зголеменото загадување на воздухот во земјите од регионот.

-Градовите од регионот во неколку наврати минатата година беа на списокот на најзагадени градови во светот и важно е да се преземат заеднички и конкретни чекори за да не се повтори тоа. Засадувањето дрвја е едно од наједноставните и најважните меѓу нив“,истакна Тадиќ.

Посебно значење на „Дрвото на пријателството“ е заедничката регионална поврзаност и активностите на организациите кои се занимаваат со екоактивизам и имаат долгогодишно искуство во локалните заедници. Од Скопје во акцијата се вклучени здруженијата „Скопје смог аларм“, „Ер кер“ и „Три бенкс“.