Акциите на „Тесла“ на најниско ниво во последните 15 месеци во пресрет на објавувањето на резултатите


Акциите на „Тесла“ паднаа седми ден по ред, достигнувајќи го најниското ниво од јануари 2023 година, бидејќи дополнителното намалување на цените во текот на викендот ја зголеми загриженоста пред извештајот за заработката на компанијата во првиот квартал во вторник.

Акцијата падна за 3,4% до 142,05 долари во понеделникот, со што нејзиниот пад за една година е 43 отсто, втор најлош меѓу акциите од берзанскиот индекс S&P 500.

„Тесла“ ги намали цените во САД, Кина и ширум Европа, со попусти од дури 2.000 долари на најпопуларните електрични возила на компанијата, SUV Model Y и седанот Model 3 од почетната класа. „Тесла“, исто така, ја намали цената на својот премиум систем за помош на возачот за една третина. Системот се продава како опција Full Self-Driving, или FSD, иако бара човечки возач зад воланот, подготвен да управува или сопира во секое време.

Опцијата FSD, која претходно чинеше 12.000 долари однапред или 199 долари месечно на основа на претплата за повеќето купувачи во САД, сега е наведена на веб-страницата на „Тесла“ по цена од 8.000 долари однапред и 99 долари за месечна претплата. Намалувањето на цената следи по едномесечниот бесплатен пробен период што „Тесла“ го понуди на клиентите низ Северна Америка, почнувајќи од крајот на март.

Најновите намалувања ги зголемуваат стравувањата на инвеститорите по слабите испораки во првиот квартал, отпуштањата и повлекувањата на Cybertruck.

Минатата недела, „Тесла“ повлече 3.878 Cybertruck возила за да се поправи сериозен дефект на „заробена педала“ виден во виралното видео ТикТок на сопственик на Cybertruck.

Според пријавата на Националната управа за безбедност на сообраќајот на автопатите, подлогата на врвот на педалата за гас на Cybertruck може да се откачи и да се заглави внатре, предизвикувајќи „ненамерно забрзување“.

Пред објавувањето на повлекувањето и намалувањето на цените, „Тесла“ започна нагло и неуредно реструктуирање, известувајќи ги вработените на почетокот на минатата недела дека ќе отпушти повеќе од 10% од својата глобална работна сила. Отпуштањата се во тек, а некои вработени добиле известувања дека нивните работни места се укинати во изминатите неколку дена, велат двајца сегашни вработени, кои разговарале за Си-Ен-Би-Си под услов да останат анонимни.