Акциите на „Порше“ паднаа под нивото на првичната јавна понуда


 

Неколку дена по првичната јавна понуда (IPO), акциите на германскиот производител на луксузни автомобили „Порше“ паднаа под цената на јавната понуда.
Цената на приоритетните акции падна за 1,4 отсто, на 81,30 евра (79,67 долари).

Минатиот четврток, кога „Порше“ дебитираше на берзата во Франкфурт, подружницата на „Фолксваген“ ја прослави најголемата германска првична јавна понуда од онаа на Дојче Телеком во 1996 година.

Досега во вонберзанското тргување имаше само цени под границата од 82,50 евра. Толку пониска цена можеби не беше можна во официјалното тргување бидејќи банките кои како конзорциум беа вклучени во ИПО, наводно, работеле на стабилизирање на цената на акциите во првите денови, пренесе регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

Првичната јавна понуда донесе приход од 9,4 милијарди евра за „Фолксваген“, матичната компанија на „Порше“.

Акциите на групацијата „Фолксваген“ беа под притисок во понеделникот. Ова првенствено се однесува на акциите на групацијата VW на холдингот „Порше СЕ“ (Porsche SE), кои се лизнаа за 3,8 отсто до најниската цена од јануари 2021 година.

Приоритетните акции на „Фолксваген“ паднаа за 2,1 отсто, а обичните акции на производителот на автомобили од Волфсбург загубија 3,1 отсто од вредноста.

Во меѓувреме, и европскиот автомобилски сектор беше под притисок, паѓајќи за 1,8 отсто, достигнувајќи го најниското ниво од ноември 2020 година. Акциите на автомобилскиот сектор моментално страдаат поради стравувањата на инвеститорите од рецесија.